Апел за воздржување од меѓуетнички тензии по убиството на младото момче

Цивил - Центар за слобода апелира граѓаните да се воздржат од секакви меѓуетнички тензии по убиството на младиот А.П. од Ѓорче Петров и да и препуштат на полицијата да ја заврши професионално својата работа.

Изразуваме жалење и сочувство до семејството за смртта на младото момче. Сметаме дека во овој момент е најважно лицето што го сторило убиството да биде изведено пред лицето на правдата согласно законите. Секое предизвикување тензии, особено на меѓуетничка основа, можат да го загрозат овој процес и да доведат до дополнителни ескалации на случувањата.

Оттаму, бараме да се почитуваат законите и пресумпцијата на невиност и да не се објавува името на осомниченото лице. Ги замолуваме граѓаните да одолеат на провокациите и на ширење омраза на меѓуетничка основа.  Во овој процес, посебна улога играат медиумите, па оттаму апелираме до медиумите кога известуваат за убиството да ги применуваат основните новинарски правила.

Цивил го осудува непрофесионалното и тенденциозно известување на дел медиуми кои го објавија името и етничката припадност на осомничениот, која е сосема ирелевантна за немилиот настан. Известувањето каде што како најважна информација се пласира различната припадност на жртвата и осомничениот убиец може да поттикне нов бран на етничко мотивирано насилство.