Изет Меџити: Зошто би останале во Владата, ако не влеземе во НАТО?

Екипата на Цивил Медиа разговараше со потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, кој воедно е и градоначалник на општина Чаир. Меџити го изнесе ставот на ДУИ дека изборите во диаспората беа нерегуларни. Исто така разговаравме за меѓуетничките односи во Македонија, непризнавањето на легитимитетот на претседателот Ѓорге Иванов и за иднината на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ доколку до септември Македонија не стане членка на НАТО. Подолу можете да го погледнете видеото со транскрипција на македонски.

Неодамна ДУИ излезе со фотографии на кои се гледаат лични карти и со став дека изборите во дијаспората беа нерегуларни. Дали може да ни дадете повеќе детали за нерегуларностите во текот на изборите во дијаспората оваа година?

Демократската унија за интеграција на овие избори за прв пат излезе во сите изборни единици. Факт е дека една албанска партија се натпреварува во сите единици во Македонија и надвор од неа. Во шест изборни единици тука и три во Европа, Америка и Авртралија. За овие три изборни единици јас бев одговорен. Кандидатите требаше да имаат не само партиски критериуми, туку и да бидат луѓе кои ќе бидат подржани од дијаспората. Но, за жал, констатирам дека во дијаспората имаше многу нерегуларности. Министерството за надворешни директно играше лоша улога преку амбасадите на Македонија, со различни опструкции, излегуваше со спротивни ставови од тие на Државната изборна комисија. Се заведуваа избирачи во групи, потоа им велеа да одат еден по еден во амбасада.

Друго прашање е дека во Државната изборна комисија имаше нерегуларности или дека не се преземаа соодветни мерки, кои јас ги гледам како тенденциозни. Со закон е регулирано дека во едно избирачко место каде што има повеќе од 1000 гласачи, треба да има две избирачки места. Таму каде што има повеќе од 1000, не може да има нормални избори.Треба да има две избирачки места, за да нема голем наплив на избирачи и да чекаат граѓаните за да гласаат. Овие чекање имаат лош ефект, особено во дијаспората, каде што треба да се патуваа со часови. Во Берн, Швајцарија, имаше информација дека се регистрирани повеќе од 4000 гласачи, а имаше две избирачки места. Според законот, таму требало да има пет гласачки места за да не се создаваат редици, каде што граѓаните чекале со часови за да го реализираат нивното право. Другото прашање е дека покрај нерегуларностите, институциално, како и моќта на власт, конкретно на ВМРО-ДПМНЕ, има уште нешто, дека внатре во Државната изборна комисија има фалсификување . Повеќе од 3000 гласачи од дијаспората се избришани од избирачкиот список. Ова создаде хаос и револт и негативна енергија во дијаспората и затоа не победи албанскиот кандитат во Европа. Во Америка и во Австралија имаше нерегуларности, но тие не беа одлучувачки за победата на кандидатите. И таму имаше случаи кога некој од Вашингтон требал да гласа во Њујорк, и обратно. Со одговорност кажувам дека внатре во Државната изборна комисија, повеќе од 3000 гласачи од дијаспората од Европа се избришани од избирачкиот список на скандалозен начин во најкомпетентната институција за организирање на изборите во Македонија, и за ова некој ќе сноси одговорност.

Дали бојкотот на претседателските избори беше неопходен и дали можеше да се искаже на поинаков начин концептот за консензуалност? Дали Пендаровски не беше доволно консензуален кандидат затоа што СДСМ не ја контактираше Вашата партија?

Начелно, ние немаме работа со имињата на кандидатите, туку идејата на Демократската унија за интеграција е дека Македонија треба да рефлектира и дека институциите, почнувајќи од претседателот на државата, треба да ги претставуваат двете најголеми заедници, македонската и албанската заедница, како и помалите заедници кои живеат во Македонија. Албанците ја подржија идејата на Али Ахмети и на ДУИ. За жал идејата не се реализираше до сега, но тоа не значи дека ние сме се откажале од неа. Ние го оспоруваме легитимитетот на сегашниот претседател Ѓорге Иванов, затоа што тој не ги претставува Албанците во Македонија и ние не се откажуваме од оваа идеја. Ќе одиме до крај со нејзината реализација. За идеи вреди да се работи и да се делува и неколку години.

Како се менаџира меѓуетничкиот баланс во Вашата општина?

Општина Чаир е една Македонија во мало. Разликата е што тука мнозинството се Албанци, а пак во Македонија Македонците. Мисам дека за овие години успеавме да направиме некои промени, затоа што дискриминацијата беше очигледна во општина Чаир. Во оваа општина има 57 отсто Албанци, 15 отсто од други заедници, Босанци, Турци и Роми и 24 отсто Македонци. Јас во 2005 година се соочив со една моноетничка администрација, чиста македонска. Почнувајќи од портирот па се до раководството на секторите. За овие години може да се земе како пример администрацијата за тоа што се случувало во општина Чаир. Денес администрацијата на општината Чаир ја рефлектира реалноста на Чаир. Има многу вработени Албанци, но има и Турци, Роми, Босанци и Македонци, кои се вработени на различни нивоа во администрацијата. Рефлектирање на реалноста во администрацијата во општина Чаир ја прави поблиска до своите граѓани. Секој човек, без разлика на неговата националност или вера, ја чувствува институцијата како место каде што може да го реши проблемот, да се промени стандардот. Ќе потенцирам еден пример кој не се експлоатира многу, а би требало да се експлоатира, е Старата Скопска Чаршија, како пример како треба да се живее заедно. Старата Чаршија беше пред уривање, пред умирање, поради водењето погрешни политики. Во моментот кога се сфати дека Чаршијата може да оживее само ако сите сме таму, не само Албанците, туку таму да бидат и Турците и Македонците и помалите заедници. На овој начин, таму доаѓаат и туристите, чиј број рапидно се зголеми, и ја прават Старата Чаршија една од најфреквентните места во Македонија и во Скопје. Старата Чаршија е еден од најдобрите примери за соживот, почитувајќи ги вредностите на едните кон другите и почитувајќи ги различностите меѓу нас.

Како ќе ги оцените меѓуетничките односи во Македонија?

Не можам да кажам дека се солидни,не можам да кажам дека се на тоа ниво што го посакуваме. Сметам дека колку повеќе се имплементира Охридскиот договор и доколку овој договор се гледа како вредност од страна на Македонците, толку повеќе ќе имаме подобри меѓуетнички односи. Ако Охридскиот договор се гледа само од Албанците и од помалите заедници како можност за унапредување на нивната позиција, не можеме да очекуваме добра иднина за Македонија. Од моментот кога самите Македонци ќе сфатат дека колку повеќе се имплементира Охридскиот договор, колку повеќе напредуваат Албанците и другите заедници, толку повеќе можеме да очекуваме подобра перспектива. Сега за сега не можам да речам дека сум задоволен од меѓуетничките односи. Треба да се работи многу повеќе.

Расмунсен рече дека нема влез во НАТО, без решавање на спорот со името. Самитот на НАТО е во септември и тешко дека ќе се реши до тогаш. ДУИ најави дека ако Македонија не добие покана за членство во НАТО во септември, ќе го преиспита своето учество во Владата. Дали ова значи распад на коалицијата и нови избори уште оваа година?

Ние сме многу сериозна партија, субјект кој од основањето па до денес, постојано освојува 70 отсто од албанските гласови. Ова не е случајност. Еден од факторите за победите на Демократската унија за интеграција, е дека е консеквентна на програмата, платформата и идеите кои ги претставува пред јавноста. Оваа влада е тематска. Ова е влада во која сме пролонгирале неколку барања, кои директно се однесуваат на унапредување на позицијата на Албанците. И, влеговме со едно главно барање, а тоа е во овие шест месеци да го фатиме последниот воз за влез во НАТО. Демократската унија за интеграција работи интензивно по ова прашање. Сме оптимисти, но свесни сме дека ова не зависи само од ДУИ, туку зависи и од Македонија, Грција, зависи и од меѓународниот фактор. Ние го правиме и невезможното Македонија да стане дел од НАТО, затоа што единствена перспектива за Република Македонија е НАТО и Европската Унија. Ние сме оптимисти дека ова ќе се случи. Евентуално, ако тоа не се случи, органите на ДУИ ќе го преиспитаат учеството во Владата. Затоа што, ако не се реализираат приоритетите, а приоритет над приоритетите е членството во НАТО, тогаш се поставува прашањето зошто ние треба да сме во таа влада.

Aрбана Ќерими
Џелал Хоџиќ

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish