Фатмир Дехари: Кичево е модел за добри меѓуетнички односи

Како ги оценувате меѓуетничките односи на локално и на централно ниво? Која е разликата и колку може да направи локалната самоуправа?

Кичево е модел за добри меѓуетнички односи и се карактеризира со тоа во еден подолг период. Колку што паметам јас, а и колективното помнење на населението кое живее тука, меѓуетничките односи посебно се потенцирани. Го кажувам ова бидејќи тука не живееат само двете најголеми заедници, Албанците и Македонците, туку живееат и Турци, Роми, Власи и други. Кога зборуваме за ова, јас можам да го земам Кичево како модел. Мислам дека воопшто Македонија треба да рефлектира соживот меѓу заедниците кои живеат тука. Пред една година и неколку месеци, на општина Кичево ѝ се приклучија и други општини. За прв пат доаѓа на чело еден градоначалник Албанец, градоначалник од друг етникум. И покрај тоа, не дојде до влошување на меѓуетничките односи, туку, напротив, мислам дека граѓаните се задоволни од работата и има големи очекувања околу развојот на градот и севкупниот развој на Кичево.

Дали очекувате ескалација на етничките тензии и во која насока ќе се движи земјата во втората половина од оваа година, со оглед на навестувањата на ДУИ дека доколку Македонија не влезе во НАТО до септември, партијата ќе го преиспита своето учество во владата?

Интересот на оваа држава е што побрзо Македонија да биде членка на НАТО. Оваа политика јас ја  почитувам и е многу значајна и умна од страна на една политичка структура. Демократска унија за интеграција инсистира Македонија да влезе во НАТО, но не гледам дека тоа може да ги расипе политичките или пак меѓуетничките односи. Напротив, инситирањето Македонија да влезе во НАТО ги доближува луѓето и дава иднина за граѓаните.

Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе прифати решавање на спорот со името?

ВМРО нема друго решение, ако им мисли добро на земјата и на граѓаните, тогаш патот е само НАТО и Европската Унија. Секако, нудејќи им на граѓаните подобар животен стандард, кој ќе влијае врз квалитетот на животот.

Каква е соработката со локалните структури на ВМРО-ДПМНЕ во Кичево? Дали имате соработка со опозициските партии на локално ниво?

Не сме имале некој проблем во Кичево. Јас се трудам да ги третирам сите граѓани еднакво без разлика дали се тоа политички партии или невладини организации. Вратите на оваа општина се отворени за сите. Секој кој е заинтересиран за транспарентноста на оваа институција или за развојот на овој град, јас сум тука, не само во текот на работното време, туку и надвор од него. Ова е мојот начин на менаџирање на оваа институција. Секогаш ги канам граѓаните да придонесат во развивањето на овој град, кој морам да кажам дека еден од градовите кој со години е оставен на страна. Да дадеме тоа што е потребно за граѓаните да се чувствуваат еднакви во однос со другите општини.

Рековте дека вратите се отворени за сите, но дали соработувате со другите партии?

Во советот на општината има советници од ВМРО-ДПМНЕ во коалиција со СДСМ, тие имаат идеи, идеите се отворени, тие коментираат, дебатираат за тоа каква програма споведува општината  и други дневни точки кои ги носи советот на општината, а ние ги разгледуваме. Советниците се независни, секој има право на глас. Досега не сме имале некој проблем, но во одредени моменти имало кога изразувале незадоволност, како и во секое собрание каде размислуваат поинаку, и ова е важно за нас.

Како ќе ги оцените овогодишните избори во Македонија?

Имавме мирни избори, избори кои можат да се карактеризираат како нормални и демократски. Ги следев забелешките од партиите и од невладините организации. Оваа земја има потреба од демократски избори, за да се елиминираат досегашните дефектите. Со години се дискутира за поголем број гласачи, што остава впечаток за манипулација, особено кај Македонците. За жал, и ние се соочувавме во локалните избори со гласачи од други земји, како што е случајот со тие од Албанија, конкретно од Пустец, феномен кој се појави и во овие избори. Ова може да доведе до последици во иднина. За жал, влијаеше во врска со кандидатите од дијаспората, но убеден сум дека политичките структури ќе најдат енергија да ги отстранат овие недостатоци и во иднина да не бидат причина за политичко препукување, кое може да влијае и на меѓуетничко препукување, кое никој не го посакува.

На минатогодишните локални избори на Вашиот ФБ профил се појавивте вооружен со автоматска пушка. Која беше пораката?

Тука има една голема разлика. Ако имаше некој што го следел мојот профил на фејсбук, таа фотографија е ставена уште кога го отворив мојот фејсбук профил и не беше ставена за време на изборите. Но интересот живна за време на изборите и се поставува прашањето зошто овој интерес не беше пред изборите, пред ова никој не праша зошто е оваа фотографија. Во краен случај, тоа е дел од мојата историја, дел од мојата кожа. ОНА беше армија која делуваше, која ја заврши својата мисија и сега таа е дел од историјата на албанскиот народ. Немаше никаква порака во врска со изборите, едноставно тоа е мојата емоција, дел од мојот живот, на моите пријатели и на албанскиот народ, кои сме го преживееле на директен начин.

Арбана Ќерими

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish