Власта има желба да има целосна контрола врз сите процеси и животите на луѓето

Во саботата, на 28 јуни, на седницата на Владата на Република Македонија беше донесена предлог-одлука за менување на Уставот. Во јавноста беа презентирани осум точки, од кои едната е уставна измена за дефинирање на бракот како заедница исклучиво помеѓу маж и жена. Иако деталите за предлозите ќе останат непознати сѐ додека истите не влезат во собраниска процедура, редакцијата на Цивил Медиа побара став од Кочо Андоновски, програмски директор на ЛГБТИ центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, по однос на прашањето за бракот и неговото уставно регулирање.

Што мислите за најавите на премиерот дека во Уставот ќе има интервенции и ќе се регулира бракот како заедница само меѓу мажот и жената?

Ова е втор обид на оваа власт да интервенира во Уставот и тоа само во делот на бракот како зедница меѓу еден маж и една жена. За жал, ние уште го немаме суштинскиот текст како тоа ќе изгледа за да можеме сериозна анализа да направиме и вистински да реагираме. Затоа ќе мора да почекаме додека не го добиеме тој документ кога ќе добие јавен карактер. Самата објава која се случи на денот на одржување на Прајд денот е порака која е дирекно насочена кон ЛГБТ заедницата во Македонија. Порака која не носи надеж за прогрес и развивање на македонското општество, туку напротив, порака која кажува дека ние сѐ уште ќе одиме наназад и дека сѐ уште не сме го допреле дното. Она што е, исто така зачудувачки, е да се бараат уставни измени во време на најголема политичка криза која ја доживуваме во современата македонска историја, претходно не мислам дека сме имале ваква политичка криза. Ова укажува на крајно авторитарна власт. Укажува на желба за целосна контрола врз сите процеси и врз животите на граѓаните. Тоа е застрашувачки и треба навистина да нѐ алармира сите.

Вашите реакции ако не бидете задоволни од донесените уставни промени?

Ние сме поврзани како организации кои работат на ЛГБТ прашањето и други организации кои се подржувачи, а не работат дирекно на овие прашања. Верувам дека ќе изградиме заеднички став и ќе имаме заеднички акции. Она што секако ние ќе го направиме е алармирање на меѓународнита заедница заради тоа што ваквиот вид на ширење на хомофобија од институциите на државата и нивните претставници, се алармантни и можеме да очекуваме и зголемување на насилството, кое е веќе на високо ниво. Ние ќе мора да реагираме и да побараме помош. Ќе мора да се изврши поголем притисок затоа што намерата, очигледно е да се вратиме назад.

Џелал Хоџиќ