Публикацијата „Избори 2014: Дисквалификувана демократија“ претставува сериозна и сеопфатна анализа на изборите и политичката атмосфера во Република Македонија. Промоција и изложба на 8-ми јули (вторник), со почеток во 12 часот во ГЕМ Клубот во Старата Скопска Чаршија.
Содржините во неа се само селекција на сето она што го нотиравме изминатиот период, од распишувањето на изборите, предвремениот почеток на изборните кампањи и кршењето на изборниот молк, преку медиумската пристрасност и пропагандната неизбалансираност, употребата на полицијата, партиските притисоци и поткупот на гласачи. Станува збор и за проблемот со фантомските гласачи, незаконското однесување на членови на избирачките одбори, јавното гласање, семејното и групно гласање, па сѐ до реакцијата и одговорот на институциите на констатираните неправилности, но и нашето постизборно набљудување. Ова се само дел од темите кои се обработуваат во исклучително прецизната вивисекција на севкупниот изборен процес, притоа посветувајќи особено внимание на објективноста со поткрепување на секој збор со факти.
За поставката на артефакти од проектот е задолжена група уметници кои воедно изготвија исклучително интересни и освежувачки дизајнерски креации, збогатувајќи го просторот и доживувањето на оние кои ќе го посетат настанот на 8-ми јули (вторник), со почеток во 12 часот во ГЕМ Клубот во Старата Скопска Чаршија. Сите граѓан(к)и се поканети и добредојдени на заедничко дружење и забава со проектниот тим кој стои зад организацијата и реализацијата на проектот.