Долго најавуваниот штрајк во просветата, наспроти огромната поддршка од јавноста, родителите, граѓанското општество, сепак, не се одржа. СОНК потфрли во финалето. Што се случуваше во текот на изминатите денови, никој со сигурност не може да потврди, бидејќи јавноста, како и многу пати до сега, остана недоволно информирана и манипулирана.
„Тажно и срамно е ова што им се случува на просветарите, учениците и нивните родители во оваа земја. Ова однесување кон еден од најчувствителните сегменти во општеството е крајно неприфатливо“ – изјави Џабир Дерала, Претседател на ЦИВИЛ во името на организацијата, а по повод развојот на настаните околу штрајкот во просветата.
„Притисокот со кој секојдневно се соочува наставниот кадар, како и родителите и целата јавност во деновите кога се повикуваше на штрајк на наставниците во земјава, претставува грубо кршење на уставно загарантираните права и слободи.“ – додава Дерала.
Медиумите под контрола на власта секојдневно излегуваа со изјави од Регионалните одбори на СОНК во кои тие ја откажуваа својата поддршка на штрајкот на кој повикуваше централното раководство на овој синдикат.
Директорката на Државниот просветен инспекторат (ДПИ) Надица Николоска настапи со јавно заплашување и на родителите, со изјавата дека за непосетување на наставата ќе има казни до 2.000 евра. Беше донесен и закон по итна постапка со кој на местото на наставниците кои ќе штрајкуваат ќе се ангажираат други, со оправдание дека со тоа ќе се обезбеди континуитет на наставата. Всушност, со оваа постапка, се озакони штрајкбрехерството во Македонија.
По оваа серија притисоци и заплашувања СОНК донесе одлука штрајкот да го стави во мирување. Во соопштението на СОНК се вели дека ќе ѝ остават време на власта, до крајот на декември да ги реализира нивните барања. Исто така, ќе бараат и кривична одговорност од оние кои вршеле притисок за откажување на штрајкот.
“Советот на СОНК едногласно одлучи да се покрене судска постапка и против сите за кои ќе обезбедиме докази дека вршеле притисоци во врска со одржувањето на генералниот штрајк врз членовите на СОНК, што е спротивно на Законот за работни односи и санкционирано со Кривичниот законик.“ - стои во соопштението од СОНК.
Ова соопштение е и сведоштво дека една недела пред штрајкот, наставниците и професорите се соочиле со огромни притисоци, но сепак, тоа не било пресудно за да се откаже најавениот генерален штрајк. Сепак, остана нејасно под каков притисок биле преговарачите за да се согласат на толку лоши услови за надминување на оваа криза и дали со ова соопштение мислеа на кривичната одговорност на претставници на власта кои спроведуваа закани и донесоа законски мерки кои се против Уставот на РМ.
По средбата на делегација на раководството на СОНК предводена од претседателот Јаким Неделковски и министерот за образование Абдулаќим Адеми, двете страни договориле социјалниот дијалог кој го бара синдикатот да продолжи за сите нивни барања освен она за поголеми плати. Образложение на министерот било дека буџетот е веќе скроен и нема простор за корекции освен оние од четири отсто кои ќе ги добие целата државна администрација. Наводно, дијалогот меѓу СОНК и владата ќе продолжи преку работни групи кои ќе ги разгледаат барањата на учителите.
„Со други зборови, повторно победи власта, на сметка на образованието, а најмногу на наставниот кадар.“ – заклучуваат во ЦИВИЛ.
Арбана Ќерими