#ПоздравПленумци

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја дава својата континуирана и силна поддршка на Студентскиот Пленум и сите студент(к)и и други засегнати граѓан(к)и кои им се придружија на протестите во изминатите недели, како и на сите што ќе им се придружат на протестот утре (26 декември 2014). Ја искажуваме својата решителна солидарност со Студентскиот Пленум затоа што имаат визија за иднината на оваа земја и решително застанаа во одбрана на своите права, во одбрана на автономноста на универзитетите и во одбрана на демократијата воопшто.

#PozdravPlenumciЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани, своите членови, соработници и поддржувачи, да им се придружат на студентските протести утре и секогаш кога за тоа ќе имаат потреба.

Да чекориме заедно со студентките и студентите на оваа земја кои покажаа зрелост, достоинство и решителност!

Сите овие денови прогресивните млади им го исполнуваат срцето и им даваат надеж на сите граѓанки и граѓани на Македонија. Студенсткиот Пленум покажа дека ова општество има сили да се издигне над етничко-религиозните стапици кои ги поставуваат клеро-политичките мафиози. Студентите им одржаа лекција на сите салонски револуционери, на партиите, на невладините фолиранти, на црвените буржуи, но најмногу на власта. Ги повикуваме и нив, да научат, да ги признаат грешките и да ги поддржат.

Бидете солидарни со прогресивните млади на Македонија!

Солидарноста е човечка доблест и висока цивилизациска придобивка, без која општествата се ронат и пропаѓаат во насилство, очај и безнадежност. Студентскиот Пленум ни покажа дека е можно надпартиско и надетничко граѓанско делување.

Да им возвратиме со солидарност и разбирање, да ги надминеме наметнатите ограничувања, етикетирања и манипулации!

 

ЦИВИЛ – Центар за слобода