Оваа хајка мора да престане!

ЦИВИЛ – Центар за слобода со изненадување и огорченост го следи најновиот развој на настаните поврзан со кривичните пријави и апсењата во рамките на полициско-политичката и медиумска операција „Пуч“, под диригентската палка на премиерот и полицијата. Ова е уште една од низата акции на власта која својата моќ ја практикува под, најблаго кажано, крајно сомнителни изговори. Такви се и изговорите на премиерот, кој ги обвини и воедно им пресуди на опозиционерите за пуч и соработка со странски тајни служби. Во спрега со медиумските послушници и дежурните апологети на власта се внесува страв и несигурност, а земјата се турка во уште подраматична политичка, па и безбедносна криза.

Бројот на политичките затвореници во Македонија континуирано се зголемува. Се суспендираат владеењето на правото и демократијата. Веќе со години сведочиме на апсења на новинари, политички опозиционери, интелектуалци... Бевме сведоци на тепањето на опозиционерите на Црниот понеделник во 2012 година. Како активисти за човекови права, секојдневно доживуваме малтретирање и оцрнување по медиумите. Сведоци сме на безбројни случаи на кршење на човековите права и слободи на поединци и групи. Сопственик на независни медиуми загина под сомнителни околности. Новинар одлежува казна затвор – невин. Живееме во земја во која дискриминацијата и деспотизмот се искачија на институционално ниво, меѓу другото, како последица на потполната партизација на општеството и институциите. Ова е уште еден случај со кој се загрозуваат фундаментите на правната држава и демократијата.

Затоа,

Бараме од опозициската СДСМ веднаш да ги објави сите податоци за коруптивни и други практики на власта за кои тврди дека ги поседува, а со тоа да ѝ стави крај на неизвесноста која трае со месеци.

Бараме од власта веднаш да престане со полициско-медиумската хајка против тие што размислуваат поинаку.

Акцијата „Пуч“, според начинот на кој започна и се води, има цел да внесе страв и вознемиреност. Тоа мора веднаш да престане, бидејќи нанесува несогледливи последици по општеството.

Од судството и обвинителството бараме потполна транспарентност и отвореност за домашни и странски правни експерти и набљудувачи. Податоците и доказите за коруптивни и други незаконски практики и постапки до кои ќе дојде, обвинителството да ги третира според највисоки стандарди, транспарентно и во согласност со Уставот и законите на Република Македонија.

 

ЦИВИЛ – Центар за слобода