Навредливиот речник и бруталниот однос кон Ромите за кои се дознава од аудио снимките на Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, се крајно неприфатливи и заслужуваат секаква осуда. Истовремено, ова е уште една потврда на извештаите од изборното набљудување на ЦИВИЛ.
Пежоративните називи за Ромите, нивното маргинализрање, уценувањето и купувањето на нивните гласови е неморална и противзаконска пракса на власта, за што добивме дополнителни докази од јавното преслушување на аудио снимките кои ги претстави опозицијата.
ЦИВИЛ се придружува кон барањето за јавно извинување на Ромите од Владата, кое го упати Здружението Романо Авази.
Покрај поддршката на барањето владата да се извини, ЦИВИЛ ја користи оваа прилика уште еднаш да го истакне своето барање за одговорност на сите функционери за кои постојат индиции дека сториле дела против Уставот и законите на Република Македонија.
Во соопштението на Здружението Романо Авази стои: „Бараме од Владата на Република Македонија јавно да се извини на Ромите за она што цела јавност го слушна вчера. Нарекувањето на припадниците на ромскиот народ со навредувачкиот збор „циган“ е доказ за расизмот кој владее, се надеваме меѓу поединци во Владата. Прекршена е меѓу другото меѓународната декларација за човекови права иако Македонија е една од земјите потписнички на истата. Почитувани претставници на Владата, извинете се и преземете мерки ова да не се повтори.
Цивил - Центар за слобода
Оваа вест е достапна и на: Albanian