Уште еден напад врз слободата: Мизерно подаништво и бесчестие во МРТВ

ЦИВИЛ најостро го осудува упадот на обезбедувањето на објектот на МРТВ среде емисија на Канал 103 и легитимирањето на водителот. Агенцијата која го обезбедува објектот излезе со соопштение дека нивниот припадник ја почитувал стандарната процедура, но ваквата постапка едноставно не може да се оправда со ништо. Тоа е против законот и стандардите – униформирано лице да упадне во редакција или студио и да ја прекине емисијата. Такво нешто може, во екстремна ситуација, да направи уредник, но со претходно добро образложение, па и тоа може да биде проблематизирано и да се стави под сериозен сомнеж, сосема оправдано. Слободата на изразувањето во овој нов скандал што го предизвика власта е грубо прегазена и е својствена на однесувањето на воени хунти и други диктаторски режими.
Иако јавниот сервис со години не ја врши својата функција за која го плаќаат сите граѓани на Македонија, без оглед на нивниот став за (не)квалитетот на емитуваната програма, за (не)професионалноста на раководството и на дел од нoвинарите и нивната пристрасност и послушност кон владеачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, актуелниов скандал е последно предупредување дека јавноста мора нешто да преземе, да се послушаат препораките на меѓународните институции и македонските невладини организации, и МРТВ да им се врати на граѓаните!
Наместо професионален потег – информирање на македонската јавност, токму најодговорните, челниците на куќата се однесуваат арогантно, потценувајќи ја македонската јавност и граѓаните кои мора да ги плаќаат!
Изјавите на генералниот директор Марјан Цветковски - дека нема да дозволи МРТВ „да влезе во дневно-политичките битки“, и на главниот уредник на Информативната програма на МТВ, Горан Петревски, дека новинарите на МРТВ редовно ги следат прес-конференциите за „бомбите“, но дека аудио-снимките на програмите на МРТВ не се објавуваат затоа што таква била „препораката од Јавното обвинителство“, ќе влезат во некоја идна, тажна историја на македонското новинарство, како примери на непрофесионализам, мизерно подаништво и бесчестие.
ЦИВИЛ апелира до колешките и колегите од МРТВ да застанат цврсто во одбрана на професијата и да се спротивстават на спинувањето, дезинформирањето и задушувањето на медиумските слободи.

ЦИВИЛ Медиа
ЦИВИЛ – Центар за слобода