Пишува: Синиша Станковиќ
Единствено чувство кај секој нормален човек во Македонија, по сознанието каква власт му ја кроела судбината и ја уништувала иднината на неговите деца – е згаденоста.
Плукањето под пазуви, за ова лудило што побрзо да си замине и никогаш веќе да не се повтори, веќе не е доволно! Како ни пцостите & клетвите Ако беше јавна тајна дека националниот, јавен ТВ сервис ја долноса и, за жал, се уште, ја долносува новинарската професија до најниско можно ниво, сознанијата од 23-тата „бомба“ на опозицијата, посветена на медиумите, за тефтерчињата со имињата на послушните новинари, кои ќе бидат подопашници на власта на престижните дописнички места во странство, на пример, само го зајакнаа впечатокот: дека медиумската сцена во Македонија заеднички ја девастирале - актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ (сосе безрбетнатата тендер партија – ДУИ), но и отпадниците од новинарската професија!
Оние заталканите, забеганите натрапници, инфилтрираните пропагандисти кои и станале „новинари“, само затоа што делот од еснафот (кој одбра да гувее, да се смее и надмоќно & блазирано да се потсмева, наместо да крикне и да клоца), молчешкум ги прифаќаше „носителите на заразата“ во сопствените редови.
Најсоблазнителни беа разговорите во кои се соголува слугувањето на сопствениците и на уредниците на таканаречените приватни медиуми, на оние измеќари, кои одамна, без трошка морал и достоинство, ја продале душата и се сместиле во топлиот скут на Фамилијата, гнасејќи ја професијата.
И не се проблем само добро познатите имиња на предавниците на професијата, кои, поради распространетоста на концесиите на електронските медиуми во кои подло одработуваат порачки на Фамилијата & клоновите, и се многу познати на на најшироката публика, а кои со своите мизерни одлуки - да бидат „властитутки“ (мивки и чергичиња) на секоја власт во суверена и независна Македонија... Многу поголем проблем за кревката македонска демократија е прифаќањето на политичката елита во Македонија, на сиот тој криминал, и целосната искривиоколченост на менталните склопови на дел од врвните политички репрезенти, за кои - сето лудило во кое живее и се потешко преживува Македонија, е нешто сосема нормално.
Кој овде досега не збудалел, тој (дефинитивно) не е нормален!
________________________
(Текстовите објавени во рубриката СЛОБОДНА МИСЛА се лични ставови на автор(к)ите. ЦИВИЛ ги охрабрува сите што имаат што да споделат со јавноста да испраќаат свои текстови кои ќе бидат објавени во оваа рубрика, без цензура. Не објавуваме текстови во кои има говор на омраза.Преземањето на сите содржини од веб страната на ЦИВИЛ е слободно, односно под услови пропишани со Криејтив Комонс лиценцата.)