Младите и нивните битки во пресрет на големите промени

Средношколскиот пленум го расформира кампот кренат пред три недели пред Министерство за образование и наука (МОН). Иако целиот свет дозна за овие протести, МОН не успеа да види и слушне што се случува под нивниот прозорец. Но, состојбите во Република Македонија во моментов се такви што во часови се мери времето кога целата Влада ќе биде приморана да го слушне гласот на граѓанките и граѓаните. Затоа, кампот ја заврши својата мисија и неговото расформирање не е неуспех, туку една важна битка во пресрет на големите промени. Битка која на своите плеќи ја носеа младите на Македонија и ја навестија демократската пролет, уште во декември 2014 година.

Ова е прилика кога треба да им оддадеме признание и да ги запомниме младите, како и наставниот кадар и родителите кои застанаа во нивна поддршка.

Нашите млади овие месеци покажаа зрелост, креативност, доследност, упорност и конструктивност. Тие покажаа врвни човечки квалитети со кои секој може да се гордее, но не може секој и да се пофали дека ги поседува. Најмногу од сѐ, треба да се засрами власта и сите кои им слугуваа во обидот да ги минираат протестите на младите.

Власта во целост, особено Министерството за образование и наука, на чело со министерот Абдулаќим Адеми, уште еднаш покажа дека е способна само за манипулации, уцени и притисоци. Власта докажа дека е нелегитимна и дека образованието, по силните божемни реформи кои го уништија,  треба допрва да доживее сериозни и суштински промени. Со својата препотентност и ароганција, власта ги понижи учениците, студентите, наставниот кадар и родителите.

Ова се денови кога сите граѓанки и граѓани на Република Македонија се соочуваат со тешки предизвици, кога битката за демократизација на земјата се разгорува од час во час, а својата кулминација ќе ја доживее в недела, на 17 мај. На оваа земја ѝ е потребна мудроста и храброста на младите. Студентите и средношколците ѝ одржаа лекција по демократија и граѓанска свест на целата македонска јавност. Без оглед на сите притисоци и етикетирања од медиумите под контрола на власта, тие издржаа во оваа натпартиска, граѓанска иницијатива.

Секоја чест! #ПоздравПленумци!

Џабир Дерала

Print Friendly, PDF & Email