ЦИВИЛ Медиа синоќа го посети кампот каде што веќе трета ноќ преспиваат околу стотина граѓанки и граѓани пред владата. Тимот на ЦИВИЛ Медиа направи анкета со камперите кои изјавија дека се спремни да останат се додека не се промени оваа власт.
Ристе Киров од Струмица рече дека се загрозуваат сите човекови права, а едно од нив е слободата на медиумите.
„Тука сме за оставка на оваа влада бидејќи со објавување на доказите слушнавме што се случувало во државата. Во последниве пет-шест години се кршат сите човекови права. Имаме медиуми кои известуваат по диктат на владата. Со тоа, кружи само една вистина до граѓаните за Македонија. Исто така, вработувањата се само по партиска линија. Остануваме тука до падот на оваа влада. Не можам да кажам уште колку ќе останам, но мислам дека ќе биде наскоро бидејќи освен што нѐ измачува нас и себе си, ги измачува и неговите кои се под притисок и на кои им е јасно сѐ. Но, и тие имаат семејства и мораат тие притисоци да ги трпат и тоа е за жалење“, вели Киров.
Сотир Бузов од Скопје вели дека е разочаран од притворање луѓе без вина.
„Тука сме дојдени да падне владата и ќе останеме до крај. Ги притворуваат луѓето без никакво право, затоа сум најмногу разочаран и лут. Моите внуци ги притворија 15 дена затоа што протестираа. Не сум партиски определен, но ова што се прави воопшто не ми се допаѓа“, изјави Бузов.
Васил Ашталовски од Струга веќе четврта вечер е во кампот пред Влада и вели дека ќе остане сѐ додека оваа власт не поднесе оставка.
„Очигледно, овој начин на владеење кој до сега го имаше, предизвика многу кршења на човекови права и тоа почнувајќи од слободата на повеќе полиња. Слободата на говор, слобода на јавно искажана мисла, право на протест. Од серијалот на разговори кои ги слушнавме, разбравме колку оваа гарнитура го узурпирала правосудниот систем, образовниот систем трпи големи последици од овој начин на владеење, кој се базира на одлуки на еден многу тесен круг на луѓе, здравствениот систем сите го чувствуваме, затоа што сме имале сите допир со него. Ние сме тука затоа што бараме оставка од оваа влада и да ги ослободиме тие институции кои моментално се узурпирани и под големо влијание на врхушката на власт“, вели Ашталовски.
Шако Боцков од Гевгелија вели дека ќе остане до крај иако Грувески требаше уште вчера да даде оставка и дека секој нареден ден е изгубен за Македонија.
„Од неделата сме тука и ќе останеме тука се до оставка на Владата. Кампуваме поради тврдоглавоста на Владата, која се виде во изминативе девет години нивно работење. Редно е веќе, по сите морални и етички принципи. Владата треба да даде оставка. Ние во 21 век се бориме за слобода. Ние во таканаречените бомби слушнавме какво мислење имаат за меѓуетничките односи во Македонија, за администрацијата. На Македонија и е потребно институциите да се вратат во нормала“, изјави Боцков.
Горан Трајков од Штип вели дека нема слободни институции на кои што граѓаните можат да веруваат.
„Дојден сум тука од повеќе причини. Најпрвин мора да се почитува Уставот на Македонија, судовите мора да бидат независни. Тоа е основното право за кое се борам денес и ќе останам до крај. Не сакам началнички судови, не сакам судии од тефтерчиња. Сакам правда според закон, сакам почитување на законите, не сакам селективна правда за одредени луѓе што ме става веднаш под нерамноправни граѓани. Сите ние сме осетиле неправда од овој режим. Со тоа што го слушавме изминативе месеци само ни се потврдија нашите сомнежи дека сѐ што сме чувствувале како граѓани е точно. Ова што денес ни се случува е целиот револт кој што е собран во овие девет години. Секој граѓанин има своја приказна и секоја од нив е тажна и погазена од страна на оваа влада. Сметам дека овој отпор ќе успее, видете колку енергија има, луѓето се охрабрени. Мислам веќе сме на крајот од целата ситуација, а крајот зависи од нас граѓаните каков ќе биде. Јас посакувам мирен крај, транзиционен крај, кога ќе може подрумот на Македонија да се отвори и да се извадат сите тегли каде што туршијата е веќе за фрлање. Со ова сакам да кажам, метафорично, да се исчистат сите институции и да се стави крај на ова што ни се случува“, изјави Трајков.
Роберт Цингар од Битола рече дека ќе остане до крај на паѓање на оваа влада.
„Ние ги бараме правата кои ни се загарантирани со Устав. Македонија нема економски ни социјален капацитет веќе да издржи вакво владеење. Ќе се продолжи со секој вид борба без насилство, за овој систем веќе да закочи и да се сруши. Тука сме спремни да останеме додека не смрзне пеколот, изјави Цингар“
Арбана Ќерими