Стоп за тортурата врз приведените во акцијата во Куманово

ЦИВИЛ бара од надлежните органи веднаш да престанат со тортурата врз притворените кои се обвинети за вршење на тероризам во Куманово. Омбудсманот Иџет Мемети во изјавата за Нова ТВ, вели дека притворените се малтретирани и измачувани:

„Од нашето постапување во понеделникот, од собраните докази и информации, имавме доволни сознанија дека врз едниот од приведените е сторено кривично дело мачење. Се работи за државјанин на Република Македонија, кој бил вработен во полиција, а е од Куманово. Дојдовме до сознанија дека лицето било лошо третирано и малтретирано откако е донесено решението за мерка притвор“.

ЦИВИЛ бара од надлежните институции да му дозволат на правобранителот Мемети да ги посети притворените во истражниот затвор во Шуто Оризари, затоа што според законот, правобранителот може да ги посети приведените со или без најава.

Од друга страна, останува контрадикторно колку убиени терористи имало во акцијата, затоа што Министерството за внатрешни работи првично информираше дека биле убиени 14 терористи, а Јавното обвинителство на 17 мај соопшти дека загинале 10 припадници на терористичката група. И овие различни бројки соопштени од две институции, зборуваат за (не)професионалноста во вршењето на деликатна работа. МВР треба веднаш да излезе со конечна бројка колку точно уапсени и колку починати лица имало  за време и по кумановските настани.

Арбана Ќерими