ЦИВИЛ Медиа во рамките на иницијативата Социјална правда сега! разговараше со битолчанец кој бил незаконски отпуштен од работа. Познавајќи ги своите права, битолчанецот повел судска постапка надевајќи се дека повторно ќе се врати на своето работно место.
„Бев неправедно отпуштен, но имаше судска разрешница. Основниот и Апелациониот суд пресудија во моја корист. Според одлуката, можев да се вратам на работа со сите права и обврски како и дотогаш. Во меѓувреме, мојот работодавец, додека траеше судскиот процес, во истата фирма кај што работев како шеф на менза, направи систематизација и го укина тоа работно место. По добивање на одлука од суд за да се вратам на истото работно место, работодавецот ме стави на работно место помошен работник во кујна во Кавадарци, во една од подружниците на истата фирма. На тоа работно место земав плата двапати помала од претходната“, изјави тој за Цивил Медиа.
Неговата приказна зборува и за начинот на кој работодавачот му „наплатил“ за тужбата што ја покренал против фирмата: „Првиот ден на новото работно место ми дадоа џогер и ми рекоа да чистам некои подруми, дворот и други објекти кои не се во описот на моето работно место. Познавајќи ги своите права им реков дека тоа не можам да го направам, затоа што немам соодветна работна опрема.“