Мантии, татлии, мерџимек, бајалди, ромско гравче на тавче, војводински говедски гулаш, кајмачиња, горански бурек... и многу други традиционални јадење беа дел од трпезата на манифестацијата „Турлитава - Заедно е послатко“, која се одржа по вторпат во Градскиот парк во Скопје.
Беа застапени вкусни традиционални специјалитети од различните етнички кујни во Македонија: македонската, албанската, турската, ромската, српската, бошњачката... Идејата за организирање на настанот е надминување на меѓусебното непознавање на различните етнички групи во нашата држава, како најчеста причина за создавање конфликтни ситуации, односно ситуации кои водат кон дела од омраза.
Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права изјави дека политичките партии придонеле да се промени концептот којшто во минатото ја карактеризираше Македонија.
„Оваа манифестација ја одржуваме за да докажеме дека иако во Македонија секојдневно луѓето кои се различни од мнозинското население се жртви на разни инциденти и кривични дела од омраза, сепак, ние знаеме да сакаме, знаеме да се разбираме и да шириме толеранција. Политиките доведоа да се промени концептот којшто порано беше познат и ја карактеризираше Македонија. Денес сме собрани тука да јадеме, пееме, и се смееме заедно. Заедно е послатко!“, рече Пировска.
Латифе Шиковска од невладината организација ,,Амбрела“ рече дека во нивната организација работат секојдневно на ширење на толеранција, соживот и љубов.
„Нашата организација и целната група со која што работиме, отсекогаш се залагале за заеднички живот, толеранција и почит и љубов. Така и ќе продолжиме, нема да дозволиме говорот на омраза да не скара и сите нас да не одведе до несакани последици, инциденти и конфликти“, изјави Шиковска.
Џабир Дерала од ЦИВИЛ Центар за слобода изјави дека не смееме да дозволиме Македонија да стане турлитава.
„Многу сакам турлитава, ама сакам кога е на трпеза, бидејќи ми симболизира нешто што сум и јас самиот. Многу мразам кога од мојата држава прават турлитава, и многу мразам кога не ме прашуваат за тоа. Мислам дека вие, граѓанки и граѓани на Македонија, исто така го мразите тоа. Мислам дека е време да направиме турлитава по дома, а нашата земја да ја направиме градина од која ќе ги собираме сосотојките за неа“, изјави Дерала.
На пикникот беше емитувана анкетата на ЦИВИЛ Медиа со прашањето: „Дали говорот на омраза во медиумите предизвикува насилство?“. Сите анкетирани граѓанки и граѓани посочија дека медиумите, за жал, најчесто се непрофесионални и дека влијаат врз ширењето на омразата и на насилството на улица.
На настанот настапи групата „Самакутра“ и се проектираа филмовите „Ќор-сокак“ на Брам Шоу и „Опасни игри“ на Марина Абрамовиќ.
Со предлогот на Советот на Европа, 22 јули треба да биде Европски ден посветен на жртвите на дела од омраза.
Арбана Ќерими