Во Охрид тимот на ЦИВИЛ Медиа, на почетокот на јуни, разговараше за условите за работа кај сезонските работници. Нашата соговорничка направи споредба меѓу сезонското работење и работа со платени придонеси.
„Освен што имате здравствено и пензиско осигурување, разликата не е голема. Пак работите по десет/дванаесет часа, слободен ден ретко кога може да го искористите и никогаш работното место не ви е сигурно“, изјави нашата соговорничка.
Според неа, работодавачите на сезонските работници гледаат како на „потрошна стока“, а со заработката на крајот на сезоната не можат да си дозволат ниту еден просечен одмор. Ваквата состојба влијае и на развојот на туризмот во Охрид.
„Има очигледен пад во развојот на туризмот и на самата посетеност во Охрид. Ако продолжи вака, ќе дојде време сезонските работници воопшто да не бидат потребни. Ако гледаме реално, ние во Охрид немаме дефиниција за туризмот, а не па начин и услови да го развиваме. Имаме превисоки цени и малку идеи за анимација на туристите“, смета нашата соговорничка.
Прилогот го подготви редакцијата на ЦИВИЛ Медиа.
Новинарки: Арбана Ќерими и Биљана Јордановска
Уредник: Синиша Станковиќ
Прилогот е дел од проектниот сегмент Street Media и е дел од активностите на Иницијативата Социјална правда сега! Иницијативата ја спроведува ЦИВИЛ - Центар за слобода со поддршка од Фондацијата Фридрих Еберт.