Во Скопје одбележан „Денот на холокаустот врз Ромите“

Додека низ Македонија се славеше националниот празник 2 Август - Илинден, Денот на Републиката, за првпат во Скопје, на плоштадот „Пела“, 30-тина ромски активисти го одбележаа 2 Август и како Ден на холокаустот врз Ромите, извршен за време на Втората светска војна од германските нацисти.

Настанот го организираше „неформална група Роми кои ја почитуваат ромската историја“, со цел да се одбележи 71-та годишнина од Холокаустот врз Ромите, и да се упати порака - Никогаш да не се повтори! Се претпоставува дека над половина милион Роми биле убиени во гасните комори на концентрационите логори на нацистите, во периодот 1939 - 1945 година.

На комеморацијата во Скопје беа изложени фотографии од геноцидот, се делеа информативни материјали и се палеа свеќи. Ромските граѓански активисти бараат од македонските државни институции да го одбележуват 2 август како Ден на холокаустот врз Ромите, како што се одбележува 16 Април - Денот на холокаустот врз Евреите.

Со едноминутно молчење покрај спомен-плочата на холокаустот во Стразбур, Денот на холокаустот врз Ромите, го одбележала и European Roma and Travellers Forum (ЕRTF), во чија организација им била  оддадена почит на повеќе од 3.000 Роми егзекутирани од германските нацисти во гасните комори на Аушвиц-Биркенау.

"Пред седумдесет и една година, во текот на ноќта меѓу 2 и 3 август 1944 година, кошмарот на повеќе од три илјади Роми, затвореници во Zigeunerlager B III на концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау, дојде до својот крај. Холокаустот врз Ромите е една од најголемите трагедии во нивната историја ", изјавил Георге Радукану, претседателот на European Roma and Travellers Forum (ЕRTF), во обраќањето пред претставниците на дипломатскиот кор, членови на персоналот на Советот на Европа и граѓаните на Стразбур.