Женско писмо до навивачите

Да не почнувам веднаш со феминистички толкувања за мачо-мените, но како и да ја вртите работата, ниту една нормална клаузула не го оправдува насилството. Да се разбереме, во свет каде никој од алфа-мажјаците нема да признае дека зад нивниот еготрип на првенци стојат успешни жени, тешко дека една жена нешто ќе аргументира без афективност.

И тука веќе можеме да почнеме со насилството. Вербално, ако имаме среќа.

Биљана Јордановска

Биљана Јордановска

Во моите скромни триесет години постоење имам сретнато мажи кои светот го чуваат во дланка, но и мажи кои ќе го згмечат, истуткаат, соџвакаат и исплукаат. И без многу да навлегувам во нивната исконска природа на делување, мажите имаат една слабост или поконкретно, страст. Спортот. Играта. Натпреварот. Последователно, определувањето и фаворизирањето на одреден спорт, тим или поединец. Следува групирање и навивање. И, во денешно време, и пресметување. Насилно, со дополнителни реквизити за „успешна“ тепачка и секогаш од погрешни причини. Универзалното правило дека спортот во никој случај не треба да наштети на живо суштество, постои декларативно.

И пред да почнете со негодувањата дека генерализирам, веднаш да расчистиме, мислам на навивачките братства. Да, братства, затоа што „сестринствата“ можете да ги најдете, изолирано, во обложувалници, но не како дел од групи кои по натпреварот се тепаат во некој парк или улица. Навивачките групи се исклучиво машки. Факт. И пак, да не излезе дека жените не се избориле за ексклузивното право да бидат дел од навивачка група, нема да одам подалеку од Македонија. Ако има некоја жена, на нашиве простори, која полага право на ексклузивитет, секоја ѝ чест. Нормално, сѐ додека се фаворизира спортскиот дух, ферплејот и задоволството од проследениот натпревар.

Но, сè повеќе сме сведоци на брутални тепачки кај нас, крвави и со жртви, кои секогаш служат за поентирање и докажување на нешто. Јазичната матрица, освен пцостите и вулгаризмите, го губи своето значење. Дали спортот кај нас е во духот на здравата конкуренција, возбудата и забавата? Колку е возбудливо и забавно кога во центарот на градот, случајно ќе се соочиш со тепачка меѓу навивачки групи и ќе завршиш како жртва? А, причините се - етнички, политички, криминални, секакви, но не и спортски. Како ќе му објасниш на детето што го водиш за рака дека спортот е привилегија. Спортот придонесува за физичкото и психичкото здравје. Спортот е возбудлив и забавен. Директното или индиректно учество во спортот социјализира и отвара нови хоризонти. Спортот поучува. Како, кога првиот допир со спортот е насилството?

„Комити“, „Шверцери“, „Чкембари“, „Кумани“, „Балисти“, „Илири“, „Војводи„..., сфатете дека спортот е богатството на една заедница и треба да ги надмине политичките и етничките разлики. Ако сакате да се докажете, сакајте некого. Не мразете сé по ред. Во ова време на лудило, кога секој секого гледа попреку и никој никому не му верува, вие покажете ја силата на добрата волја и на разумноста. Во време кога криминалот е главната одлика на државно уредување, бидете тие кои во духот на ферплејот ќе го надминете насилството. Во време кога образованието е машинерија за перење мозок, вие едуцирајте - со спортски подадена рака.

Драги мои мачо-мени, алфа-мажјаци и други припадници на навивачките групи, дајте, за промена, ние за вас да навиваме!

Биљана Јордановска

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish