ЦИВИЛ – Центар за слобода, како партнерска организација на Crisis Simulation for Peace – CRISP од Германија, заедно со граѓански организации од повеќе европски земји, е дел од проектот „Борба против десничарскиот популизам во Европа“, чија главна тема се изворите, причините, динамиката и ефектите од десничарскиот популизам во различни региони на Европа.
Со овој проект се навлегува во подлабоко објаснување на тоа како десно популистичките партии се развиваат, како работат и што е тоа што ги прави успешни. Преку симулациска игра се прави обид за увид во проблематиката на десничарскиот популизам во Европа, со посебен акцент на нивното влијание врз демократската култура, како и можност учесниците аргументирано да се изборат против ваквата појава и да научат кои активности можат да се преземат во борбата на индивидуално и на општествено ниво.
Овој проект е продолжување на активностите од минатата година, кои CRISP ги спроведе заедно со шест партнер–организации, развиени и тестирани преку симулациската игра „Десничарски популизам“.
Првата регионална работилница се одржа во Скопје, од 23 до 28 август 2015, на која учесниците од Германија, Грција, Италија и Македонија имаа можност преку симулациската игра да ги пронајдат сличностите со десно популистичките активности во својата земја.
Во продолжение можете да ги погледнете изјавите на дел од учесниците и дел од атмосферата на работилницата која се одржа во хотелот Старо Водно.
[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=MJjzIPyaGLM[/youtube]
Емрах Реџепи - Македонија
[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=WHJrZj4hOBQ[/youtube]
Флоријан Дункел - Германија
„Моето име е Флоријан, јас сум еден од директорите на КРИСП, организација со седиште во Берлин, која организира семинари во Германија, но и во странство. Ние сме на некој начин домаќини и во Скопје, на оваа работилница “Борбата против десничарскиот популизам во Европа“. Тоа е проект кој вклучува 10 земји-партнерки ширум Европа, и во целост - 60 учесници. Ние го спроведивме во три држави. Првата имплементација е во Македонија, и тоа што го направивме е донесовме учесници од четири држави, тука во Скопје, да размислуваат за начините – како, всушност, да се бориме против десничарскиот популизам во Европа. Пред сè, пробавме да најдеме дефиниција за тоа што е десничарски популизам, зошто е опасен во различни земји во Европа. Потоа, спроведовме симулациска игра за подобро да разбереме како десничарските популистички партии и движења работат, кои се нивните стратегии, и на крајот, размислувавме и за тоа како, всушност, да се справуваме со нив на индивидуално и на национално ниво. И како заедниците можат да се организираат за да се борат против овој феномен, тука во Македонија, но и насекаде низ Европа.
Твоите импресии за Македонија?
Јас сум бил во Македонија неколку пати, и пред сé, сакам да кажам дека уживам, најмногу поради луѓето кои што живеат тука, кои се многу пријателски настроени, многу отворени. Со оглед на тоа, многу сакам да сум тука. Кога бев тука во 2010, моите први импресии беа, додека шетав низ Скопје, и кога градењето почнуваше, дека сум во една држава која е во војна! Сега, пет години подоцна, со многу споменици веќе завршени, мене ми личи на музеј на една војна, за која некој веќе тврди дека веќе ја добил. Ова, од една страна, е многу апсурдно, а од друга страна, многу тажно! Кога и да одам во центарот на Скопје, мене ми е тешко да решам дали треба да се смеам или да плачам. Најчесто, и двете. И мислам, особено „Скопје 2014“ ја претставува совршено ситуацијата тука, па ако не знаеш ништо за Македонија, само погледни го проектот и ќе почувствуваш каква е ситуацијата. Ви благодарам многу“.
[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=CGbh9rr0nj8[/youtube]
Изабела Пино - Германија
„Благодарам на поканата, јас сум Изабела од Берлин. Јас сум полско-германски учесник работам со германската Фондација за интеграција и тука сум пред сè, поради порастот на движењето ПЕГИДА во Германија, во текот на 2014, додека јас бев во странство, во Африка. Всушност, бев шокирана, сериозно шокирана кога го видов тоа, се прашував себеси, како активист од граѓанскиот сектор, дали би можела да направам повеќе да бев таму, да помогнам поефикасно. И затоа се придружив во симулацијата.
И навистина сакам да ги видам динамиките развиени во играта кои беа многу блиску до реалноста. Очигледно, има разлики, но несомнено, резултатите на процесите беа многу слични на реалноста и беше многу збогатувачко искуство - да научам како овие механизми функционираат. И можеби да си ги поставам прашањата понатаму, или сега, откако знаеме како се покренуваат ваквите движења, да знаеме каде да ги искорениме од почетокот“.
Која улога ја имаше во симулациската игра?
„Јас бев министер за внатрешни работи, значи дел од Владата, имав многу лесна улога за играње. Не мислев така кога ја добив улогата, но на крајот, беше многу, многу лесно да ја турнам својата агенда понапред, всушност, едноставно, поради немање опозиција. Немаше противник кој може да ми се спротистави, тоа беше и разочарувачки за мене, истовремено. Како Влада се обидувавме да ги покренеме другите коалициони партнери, бидејќи додека губевме гласови, сфативме дека треба да направиме коалиција со некој друг, а немаше кој друг, освен десничарското движење. На крајот, јас би кажала дека тоа беше улога која многу бараше од мене, бидејќи улогата беше исфрлена напред, значи не можев да се кријам зад мојот партнер. Но, ми се допадна навистина, без оглед на сé, многу удобно се чувствував во мојата улога“.