Младите на кои им се нудат налудничавите стихови за Гоцевата раса, секој момент може да ги убие на место покривот од домот „Гоце“...
Деновиве додека со младите активисти на ЦИВИЛ – Центар за слобода, во центарот на Скопје делиме материјал за гласачкото право и публикации за јакнење на свеста на граѓаните на Македонија, за начините и можностите да се соочат и спротивстават на хаосот&лудилото, кое како систем и единствен начин на живеење го наметнува власта, околу инфо-штандовите се собираат, главно повозрасни скопјани. Најголем дел од младите минувачи подзастануваат, колку да прашаат што се дели бесплатно, и веднаш одмавнуваат со глава, со кисела насмевка или пцост за политиката... „Брат, бе, виза можеш да ми обезбедиш? Батали избори во Македонија!“, е резигнираното прашање/заклучок што ми се повторува од ден - на ден. И, колнам, ја споделувам пцоста на младите сограѓани, на „иднината на Македонија“, за политиката и за сите оне кои нѐ дотераа до ова дереџе и до овој дефетизам.
Младите, едноставно, не сакаат да живеат вџашени од страв, како нивните родители, подло уценети од власта. И, бегаат, на јуриш... (Оние кои немаат шанси да се спасат на тој начин, на леб&игри - дешавките што им ги организира власта, со покачен адреналин од пивото, го исвиркуваат кутриот скопски градоначалник или на социјалните мрежи си играат мајтап со Фамилијата, чекајќи го моментот, некој да ги поведе да излезат на улица, оти ништо друго и не им се нуди...)
Последната девастирачка деценија на назадување на Македонија во речиси сите сфери, „успешната приказна на Балканот“ (за која, барем илјадниците раселени по светот, сметаа дека е „најубава земја да се умре во неа“ и се враќаа тоа да го исполнат), ја претвори во микс на хорор и водвиљ, во налудничава временска машина со која се патува наназад до „барокот“, и уште поназад, сѐ до Ацета Наш... И покрај хендикепираноста, поради дрогираните медиуми - наметнатиот виртуелен свет од Табановце до Богородица, сите оние кои како-така сакаат да гледаат кон иднината, заминуваат од Татковината, не свртувајќи се. А, бескрупулозните властодршци, мртви ладни, им ветуваат на сите избркани од Македонија, дека ќе им обезбеделе 700-процентно повисока застапеност во парламентот, преку нови пратеници од дијаспората!
Според ММФ, од 2008 јавниот долг на Македонија е двојно зголемен и минатата година достигнал 43,3%, па монетарците ја охрабруваат власта да го промовира приватниот сектор во лидер што ќе отвора работни места и да продолжат со структурни реформи. Власта пак, во својот препознатлив стил, ќути-трае, сѐ додека не ја притиснат. Па, како во последниот пример со изнудената искреност на Груевски кон Хан, ќе признае дека го прави токму спротивното: за регрутација на гласачи, власта на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, во своите мандати, ја набилдувала администрацијата од 65.000 на 185.00 лица! Без вработените јавните претпријатија! Партиски вработувања 24/7, и тоа 365 дена во годината. Делник-празник, „продуктивност“ од 300%.
Или, според податоците на CIA Factbook, Македонија е меѓу „шампионите“ во мизеријата во светот! За балкански и европски рамки, дума да нема! Со индекс скор на мизеријата од 27,9, поради „лошото владеење и корупцијата кои го задушуваат стопанството“, Македонија е во редот на Лесото и Џибути или Сирија и Јемен.
И, бегале младите, а? Додека им се нудат споменици со јавачи на коњи, вооружени со пиштоли и ножови, а во фон се слушаат глупавите стихови за „расата на Гоце“, во домот „Гоце Делчев“, секој момент, дел од покривот може да убие некој студент. Терасите белки ќе издржат...
Амбасадорите засипнаа, апелирајќи дека „излез од политичката криза е можен само со потполна и навремена имплементација на сите чекори усогласени со потпишаниот договор“ на лидерите на најголемите партии. Бадијала, власта нели, како нашинецот - во сите вицови победува, оти е поитра и поербап и од Европа, и од САД, НАТО.....
Македонија е загадена средина! ЕУ неодамна и додели на Македонија 1,1 милион евра за почист воздух, а власта за 70-тина илјади евра ја „продаде“скопската обиколница за снимање филм на 27 денови и им го дополни постоечкиот хаос на стотиците илјади скопјани кои живеат (и умираат) во најзагадениот град на Европа. Зафатени со катадневната борба за гола егсистенција, најголемиот дел скопјани немаат време да размислуваат за квалитетот на воздухот што го дишат. Арно ама, кога неделава инструментот за следење на опасните ПМ 10 честички покажа двојно зголемување, од 3.000 на 7.000 микрограми на метар кубен, Министерството за животна средина веднаш соопштило дека е – грешка! А, инструментот е итно пренесен на тестирање за исправност. И, додека трае тестирањето, за да се утврди дали Скопје го надмина и Мексико Сити и стана светски првак во загаденост, нормално, нема информации - што дишат граѓаните.
И, бегале младите, а? Претседателот на парламентарната комисија за Бугарите во странство, тврди дека над 200.000 Македонци сакаат да добијат бугарски пасош. Спасувај се, кој може! На неофицијална анкета на социјалните мрежи, на која не е наведена репрезентативноста на примерокот, сепак, над 80 проценти од анкетираните средношколци се изјасниле дека ако можат, ќе ја ја напуштат Македонија. Сакаат да ја напуштат! „Брат, бе, виза можеш да ми обезбедиш?“
Важно, според зомби-медиумите, премиерот ни е заслужен што „Гугл“ ѝ го честитал Денот на независноста на Македонија. И за тоа што и најтиражниот весник на англиски јазик во Јапонија „Јапан Тајмс“, објавил специјален текст по повод независноста на Македонија. Можеби и за тоа, што и на фреските во црквите, очите им се насолзени, „ничим изазвани“, така, од време – навреме. Нема, нема крај...
Наспроти бурните промени кои доведоа до независноста на Македонија, лидерот на тогаш популарниот бенд „Меморија“, Петар Георгиевски (Камиказа), ја преработи песната ‘”When Your Heart Is Weak''' и тоа стана еден од најголемите хитови на бендот. „Одам заекогаш...“ Песната е издадена на втората страна на албумот на „Меморија“ од 1989. Денес, по 25 години независна Македонија, песната „Одам засекогаш“ можеби треба да стане задолжителна лекција за македонските средношколци.
И онака, овој еверегрин, за жал, ќе им стане генерациска химна...