Нов „кец“ за Министерството за образование

Средношколците повторно докажаа дека тие се иднината на Македонија. На сите присутни наставници, професори, активисти, новинари и граѓан(к)и кои ги подржаа на денешниот протест, со мирниот протестен марш им покажаа дека се зрели и сплотени во нивната борба против лошите реформи во образованието.

Со извикување „Доста беше молк!“, Ние сме иднината“, „Екстерно за Владата“  и „Нема правда, нема мир!“, со свирчиња и транспаренти, средношколците маршираа од Градскиот парк, покрај Владата, до Министерството за образование и наука.

Таму повторно му порачаа на министерот Абдулаќим Адеми дека нема да се откажат од својата борба за подобро и поквалитетно образование и за посветла иднина во која младите ќе се гледаат себеси и во Македонија, а не само  во странство.

 „Додека светот максимално креативно ги користи младите, вие не оцрнувате, немајќи доблест да се соочите со одговорност , уништивте сé што е креативно кај младите. Вие сте виновни што младите си заминуваат да служат во туѓа држава!“, изјави Никола Крстевски.

Со бурен аплауз и овации беа поздравени и кумановските средношколци кои утре пред гимназијата „Гоце Делчев“, со почеток во 12:30 часот, ќе го одржат својот протестен марш.

За жал, ни овој протест на  средошколците во Скопје не помина без тензии и со предупредувања и притисоци од одделни директори на средни училишта. Во гимназијата “Никола Карев“ класниот раководител ги предупредил учениците дека сами ќе  одговарале пред професорите, ако не се појават на нивните часови во периодот предвиден за протест. Во „Раде Јовчески Корчагин“ им се заканувале на учениците од прва година со укори, а на учениците од втора година дека нема да одат на предвидената и веќе платена екскурзија во Белград. Во „Јосип Броз Тито“ заканите биле со неоправдани изостаноци, без можност за оправдување за сите ученици од трета и четврта година кои ќе одат на протест.

И во Гостивар на средношколците им се заканувале со бркање од училиште во случај на организирано одење на протестот во Скопје.

ЦИВИЛ – Центар за слобода го проследи протестот и им изрази поддршка на средношколците во нивната борба за права, поздравувајќи ја нивната храброст и решителност.