Хрватска ќе помогне во демократизацијата на Македонија

Претседателот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, Џабир Дерала, на 16 октомври беше поканет во Загреб, на конференцијата „Помеѓу слободата на говор  и говорот на омраза“. На конференцијата, организирана од Културпункт и ГОНГ, која се одржа во Прес Хаус, присуствуваа околу 100 претставници на граѓанските организации од Хрватска, од хрватската Влада и од Академијата, како и новинари. Конференцијата ја отвори амбасадорката на САД, Џулиета Валс Нојс.

На првата панел конференција, претставниците од Словенија, Хрватска и Македонија, зборуваа за различни аспекти на медиумската ситуација во нивните земји. Единствен претставник од Македонија беше Џабир Дерала од ЦИВИЛ, чија презентација беше насловена „Медиумите во заробена држава – поглед од Македонија“. Презентацијата беше проследена со аплаузи и објавена во голем број медиуми во Хрватска.

Дерала беше гостин на ГОНГ уште три дена, разговарајќи за различните аспекти од престојната соработка меѓу двете организации, во контекст на придонесот во напорите на Македонија да обезбеди слободни избори. ГОНГ и Советодавниот комитет за транзициски процеси – Центар за управа, кој е дел од хрватското Министерството за надворешни работи и за европски прашања (МНЕП), ќе одржи низа обуки со персоналот и мониторинг тимовите на ЦИВИЛ. ГОНГ веќе одржа неколку презентации на претставниците од ЦИВИЛ на неколку други теми, како што се следење на медиумите и говорот на омраза, како  и други мониторинг модули.

Арсен Баук, хрватски министер за јавна администрација

Арсен Баук, хрватски министер за јавна администрација

Претставникот на ЦИВИЛ оствари и неколку други индивидуални состаноци и консултации. Една од средбите беше со директорката на Генералниот директорат за регионална соработка, Марија Капитановиќ и со нејзиниот тим, на која се разговараше за ситуацијата во регионот и можностите за поддршка на хрватската Влада во демократските процеси во Македонија. Серијата состаноци ги вклучија и хрватскиот министер за јавна администрација Арсен Баук и поранешниот премиер на Хрватска, Јадранка Косор. Министерот Баук сподели информации и совети околу реформите во администрацијата, а поранешната премиерка Косор зборуваше за хрватското искуство во борбата против корупција.

 Јадранка Косор, поранешна премиерка на Хрватска

Јадранка Косор, поранешна премиерка на Хрватска

Треба да се напомене дека во Хрватска на 8 ноември ќе има избори и сите се мобилизирани во овој процес. Сепак, сите високи функционери и извршни директори имаа долга и фокусирана средба со претставникот на ЦИВИЛ.

Дерала, исто така, одржа презентација во Куќата за човекови права, каде активно се вклучија претставници на хрватските медиуми, на организациите за човекови права и на етничките малцинства, вклучувајќи ги и претставниците на македонската и српската заедница.

Беа организирани состаноци и брифинзи и со лидерите на различни медиуми, синдикати и организациите за човекови права.

Претставникот на ЦИВИЛ, исто така, оствари средби со претставници на граѓански организации од Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија.