Проблемите во Државната изборна комисија со Избирачкиот список се натрупуваат, а хаосот се зголемува со приближувањето на денот на изборите. До ЦИВИЛ - Центар за слобода се обрати Моника Матоска од Неготино, која вели дека била избришана од списокот, бидејќи денеска ѝ завршувал рокот на важење на личната карта, иако во меѓувреме, таа извадила нова лична карта!
„Денеска ми заврши рокот на важење на личната карта, но јас знаев дека ќе и истече важноста, и извадив нова лична карта за да можам да си го остварам правото на глас. Меѓутоа, ме нема на Избирачкиот список. Се јавив во подрачмата единица во Државната изборна комисија во Неготино да прашам зошто ме нема на Избирачкиот список, но оттаму ми кажаа дека ме избришале, затоа што знаеле дека денеска ми истекува рокот на важност на личната карта. Не ми е јасно дали во ДИК не знаат дека постои опција за вадење на нова лична карта, или...!?“
Матоска е децидна дека во недела, на 11-ти декември сака да го оствари своето право на глас, со новата, важечка лична карта.
ЦИВИЛ - Центар за слобода има пријави од десетина граѓани, на кои, на сличен начин, како во случајот на Матоска, со бришење од Избирачкиот список поради „проценка“ дека ќе им истече важноста на документи, им е ускратено загарантираното право на глас.
Дехран Муратов