Вчерашното интервју за ТВ21 на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, ја интензивираше уште повеќе јавната дебата, која зема замав по објавувањето на Платформата на трите албански партии, во која се поставуваат условите што треба да ги реализира идната власт во земјава, доколку сака да ја добие нивната поддршка. Интервјуто на лидерот на ДУИ доаѓа два дена откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, како лидер на партијата која освои најголем број на пратенички места на изборите на 11 декември, го доби мандатот од претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, да формира нова влада.
Пред неколку дена, Груевски даде интервју за дневниот весник „Дневник", преку кое испрати неколку пораки до Ахмети и до ДУИ. Меѓу другото, Груевски се закани дека во „ДУИ знаат како" тој ќе ја спречи оваа партија да направи влада со опозициската СДСМ. Во ова интервју, Груевски, исто така, истакна дека условите на Платформата на три албански партии се за него неприфатливи, а ако ВМРО-ДПМНЕ, како победничка партија, биде изиграна од ДУИ, тој порача дека „ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на голема врата во владата и тоа најмалку два мандата по ред. И ќе бидеме без каква било обврска при составувањето на владата“.
Во интервјуто за ТВ 21, Ахмети не беше многу јасен ниту во одговорите на пораките на неговиот долгогодишен партнер во Владата, ниту за идните активности на ДУИ во врска со формирањето на новата влада во Македонија. Тој претстави пет можни сценарија: ДУИ да направи влада со ВМРО-ДПМНЕ, да направи влада со СДСМ, да стане дел од широка влада, да остане во опозиција, или да се оди на нови парламентарни избори. За тоа која опција ќе биде избрана, Ахмети одговор очекува од анализите кои се прават во партијата, но исто, така и од гласачите на ДУИ, од кои Ахмети, кој, како што рече, е „на мака" да донесе решение, во овој правец ќе бара совети на средби што ќе следат деновиве. За време на интервјуто доминираше тезата дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се победници на изборите и дека ДУИ ќе го почитува принципот „победникот да прави влада со победникот", на кој ДУИ секогаш инсистирал, иако Груевски не го почитуваше тој принцип по изборите во 2006 година, кога ја вклучи ДПА во Владата. Но, „влада без да се прифатат барањата на Платформата нема да има“, истакна Ахмети.
Политичките аналитичари - Албанци од земјава, оценуваат дека Ахмети не кажал многу и ги одбегнал директните одговори, оставајќи ги сите опции отворени.
„Лидерот на ДУИ Али Ахмети во вчерашното интервју не избега од неговиот познат стил во настапите пред јавноста, избегнувајќи директни одговори и избегнувајќи дебата со политичките аналитичари, или пак новинари од повеќе медиуми, бидејќи претпочита класични интервјуа, што по мое мислење е непромислен чекор од аспект на ПР-от на една политичка партија", оценува професорот Сефер Тахири.
Според него, Ахмети во интервјуто само ги претстави хипотезите кои јавноста веќе ги знае, но навести и дека новите избори се опција, секако, откако македонските партии ќе ја одбијат Албанската национална платформа, ситуација која ќе ги отстрани граѓаните од граѓанскиот концепт и ќе ги врати во етничка димензија, или враќање на големите етнички теми. „Неисклучувањето на коалиција со ВМРО-ДПМНЕ е политичка тенденција за да се покаже дека не постои подготвеност за коалиција ниту со СДСМ, и, на тој начин, Македонија да влезе во нова политичка криза, која би завршила со избори, на кои би дошла до израз етно–националистичката реторика од двете страни, а што повеќе им одговара на оние, кои го користат овој вид реторика", истакна Тахири.
Новинарот - истражувач, Џелал Незири, од друга страна, смета дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се чини дека сака да се направи репозиционирање на страните во процесот на надминување на кризата, така што проблемот од политички сака да го премести на меѓуетнички план.
„Сојузот на албанските партии околу една платформа беше првиот чекор кон остварување на оваа цел. Еден друг поттик даде и претседателот Ѓорге Иванов во своето годишно обраќање, кога повика на координација меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Ова изгледа како операција која има за цел да се подели електоратот по етнички линии, при што, етничката припадност ќе биде главниот критериум во определувањето на гласачот во Македонија. Тоа е затоа што ДУИ загуби речиси 40 илјади гласачи, за кои се проценува дека отишле кај СДСМ, додека ВМРО-ДПМНЕ не ја извојува планираната победа, бидејќи гласовите на етничките Албанци влијаеја за да има речиси нерешен резултат во бројот на пратениците", вели тој.
Според Незири, ако се продлабочи етничкиот јаз, тогаш не може да се очекува од Албанците да гласаат за СДСМ. „Главната порака на Ахмети беше обединувањето на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, исто како што се обединија албанските партии. Значи, тоа е повик за редефинирање на политичките терени на двата народа, без право на мешање во теренот на другиот", изјави Незири за ЦИВИЛ Медиа.
Во врска со формирањето на новата влада, според Незири, се чини дека Ахмети ќе продолжи да држи отворени три главни опции: коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, со СДСМ, или пак да не прифати коалиција со никого, со цел земјата да оди на нови парламентарни избори.
„Опцијата за широка влада не зависи од Ахмети, додека петтата опција - ДУИ да помине во опозиција - е помалку веројатна поради профилирањето на партијата како владејачка партија, која може да функционира само како дел од власта. Како најверојатна варијанта, сметам дека е третата опција, ДУИ да одбијат коалиција и со ВМРО-ДПМНЕ, и со СДСМ и земјата на тој начин да оди на нови избори. До овие избори, приоритет се чини дека ќе бидат тензиите во меѓуетничките односи и оневозможувањето на надетничкото или граѓанско гласање, како што се случи на изборите на 11-ти декември", истакна тој.
Професорот Тахири, исто така, смета дека преговорите на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ нема да успеат, бидејќи е јасно дека оваа партија нема да ги прифати барањата или условите на албанската Платформа, додека новата коалициска влада ќе зависи од тоа дали и колку СДСМ и лидерот на оваа партија, Зоран Заев, ќе се охрабрат да ги прифатат политичките барања на Албанците кои веќе се препознаени како услови, како и, над сè, дали Заев ќе покаже подготвеност за компромис, или ќе биде жртва на ретроградни сили, кои го советуваат погрешно - да не прифати ништо.
„Ова, всушност, ќе значи зајакнување на биномот ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, затоа што неподготвеноста на СДСМ ќе значи дека ДУИ ќе поврати некои свои гласачи, а ќе биде потврда и на етно–националистичките тези на ВМРО-ДПМНЕ, а на овој терен, социјалдемократите, уште пред да започне играта, се сигурен губитник", заклучува Тахири.
Крајниот рок за формирање на новата влада истекува на 29-ти јануари. Дотогаш, новиот мандатар Груевски мора да обезбеди поддршка од 61 пратеник во Собранието на Република Македонија, кое брои 120 парламентарци. За ова, теоретски, ќе биде доволен договор само со пратеничката група на ДУИ, која има 10 пратеници, но тоа, според сите анализи, ќе биде влада со мала стабилност. Ако актуелниот мандатар не ги обезбеди потребните пратеници, можноста за формирање на влада треба да ја добие СДСМ, како партија која го освои вториот по големина број пратеници на декемвриските избори.
Петрит Сарачини
Оваа вест е достапна и на: Albanian