Платформата за граѓанска политика „АЈДЕ“, утре во 13 часот, ќе протестира пред зградата на Уставниот суд на Република Македонија, бидејќи нејзиното членство не е задоволно од одлуката за помилување на изборните измами и тешки криминали. Тие ги повикуваат граѓаните и граѓанките да учествуваат на утрешниот протест, на кој повторно ќе порачаат дека нема да престанат да протестираат, сè додека судиите кои ја донесоа одлуката за помилување на изборните измами не поднесат оставка.
„Судиите Елена Гошева, Никола Ивановски, Владимир Стојаноски, Вангелина Маркудова и Јован Јосифовски, не само што се „гробари“ на Уставот, туку се и соучесници на власта. Попречувањето на правдата е сериозно кривично дело, и едногласно го поддржуваме предлогот на Специјалното јавно обвинителство, тоа кривично дело да биде што е можно побрзо воведено во правниот систем на Република Македонија и најстрого санкционирано. Петтемина судии се само продолжена рака на партијата на власт и соучесници во изборните кражби, затоа што причинско-последичната врска меѓу нивната одлука и случајот „Титаник“ е повеќе од очигледна, наведуваат од „АЈДЕ“.
Откако е донесена одлуката за помилување на сторители на изборни измами, граѓаните три пати протестираа пред Уставниот суд на Република Македонија.