Адили: Распишувањето на изборите е противуставно и незаконско!

„Иницијативата која Унитети ја достави до Уставниот суд, се однесува на оспорување на начинот на кој дојдовме до тоа да има избори на 11-ти декември. Претседателот на Собранието, Трајко Велјановски, во моментот кога ги распиша изборите, го прекрши на изборниот законик и на членовите 22 и 51 од Уставот“, вели пратеникот Зулфи Адили во разговор за ЦИВИЛ Медиа.

Вонпарламентарната партија од албанскиот опозиционен блок Унитети, денеска до Уставниот суд поднесе иницијатива со која го оспорува Решението за распишување на предвремените парламентарни избори.

dsc_0390-470x246

„Начинот на којшто се распишаа изборите е противуставен и противзаконски. На овој начин, ВМРО -ДПМНЕ и ДУИ, како партии кои се дел од власта, како и секогаш, и овој пат ги прекршија Уставот и законите“, смета Адили, кој се осврна на проблемот со поголемиот број на гласачи во Шестата изборна единица.

„Сите ние знаеме, и Државната изборна комисија и јавноста знаат дека има разлика помеѓу изборните единици. Нашата цел е да има рамноправност на сите ентитети. Зошто да имаат предност гласачите од Струмица и Велес, во однос на оние кои гласаат во Тетово и Гостивар, во Полошкиот регион“, го пренесе Адили ставот на Унитети.

Тој потврди дека независно од одговорот на Уставниот суд, неговата партија ќе излезе на избори како коалиционен партнер со партиите - Движење за реформи во ДПА и Национална демократска преродба.

Марија Теговска