Овој петок, на 6 мај во ГЕМ Клубот во Старата чаршија во Скопје, актерот и режисер Агрон Биба ќе ја одржи премиерата на претставата „Јас сум Григор Прличе“. Претставата, која е во организација на ЦИВИЛ – Арт дивизијата ќе започне во 20 часот, а влезот ќе биде слободен.
Се работи за монодрама, напишана од самиот актер, охриѓанец, во време кога поминува низ тежок период во животот, соочувајќи се со невработеност и борба за опстанок.
Инспирацијата за ова дело, како што упатува насловот доаѓа од животот на неговиот сограѓанин Прличев. Атина во 1860 година е во барање на својот идентитет, и наликува на Скопје 2014 година. Агрон Биба, во Охрид и Скопје се чувствува како Григор Прличев во Охрид и Атина. И Агрон си ги наоѓа својот Мелетије и Александрос Ривас Рангавис. Името, јазикот и културата на Агрон се потценува на сличен начин како името, јазикот и културата на Григор во истиот град 150 години подоцна.
Затоа, Агрон заклучува дека тој е душевен наследник на Прличев, и гордо изјавува: „Јас сум Григор Прличе!“.
Агрон Биба дипломирал театарска режија на Академијата за уметности во Тирана. Една година работи како асистент-професор кај познатата албанска актерка Дрита Пелингу, а во Албанскиот национален театар остварува улоги во Смртта на Дантон (режија Владимир Милчин), ‘Il Bugiardo’ од Карло Голдоне (режија Хервин Чули), Албански Легенди (режија Армандо Бора). Станува телевизиско лице како водител на ТВ шоу во ТВ Арбриа. Од 1998 живее и работи во Лондон, каде што режира претстава за албанската култура во Westminster Abbey, остварува улога во продукција на Кралскиот национален театар во Добрата жена од Сечуан на Б.Брехт, во ‘Hobson’s Choice’ од Харолд Бриџхаус во продукција на Young Vic Theatre, “Foxes” од Алис Nатер во продукција на West Yorkshire Playhouse, и Шекспировата „Тимон од Атина“ (режија Adrian Jackson), во продукција на Cardboard Citizens & Royal Shakespeare Company, каде ја игра улогата на Тимон. Во 2008, по враќањето во Македонија, работи еден период како продуцент во ТВ Алсат-М. По неколку години невработеност, од минатата година е ангажиран како актер во Албанскиот Театар во Скопје.
Оваа вест е достапна и на: Albanian