АГТИС: Граѓаните немаат доверба и не знаат што работат институциите

Граѓан(к)ите не им веруваат на институциите - покажа истражувањето на невладината организација АГТИС од Прилеп, „Фасадата држи - темелите тонат... на институциите“

Александар Цветкоски, претседател на АГТИС, рече денеска дека истражувањето опфатило осум општини (Скопје, Битола, Прилеп, Гостивар, Тетово, Охрид, Штип, Велес и околните рурални населби). Според него, граѓаните не им веруваат на институциите, а истражувањето покажало и дека дел од вработените во институциите немаат соодветно знаење за работата којашто ја извршуваат. Исто така, и соработката на граѓаните со институциите се покажало дека не функционира како што треба.

Модераторот, д-р Сашо Орданоски истакна дека истражувањето покажало оти поголемиот дел од граѓаните немаат доверба во институциите и дека не знаат што работат.

„Да се направи анкета, која е улогата на пратениците во Собранието на Република Македонија, од 10 души седумина нема да знаат да одговорат“, вели Орданоски.

Универзитетската професорка Беса Арифи истакна дека државата и институциите не функционираат бидејќи ја загубиле моралната одговорност.

„Ако украдеш нешто, тогаш значи дека ќе одиш во затвор. Но, кај нас тоа чувство на одговорност и морал го нема и се додека нема морална одговорност, нема да имаме нормални институции и држава“.

Уредникот на „Слободен печат“ Бранко Героски, истакна дека државата оди во погрешен правец и дека граѓаните што протестираат и бараат одговорност, всушност, не се ниту на почеток, за да се бараат одговорност од власта.

„Како ќе заврши целата политичка криза никој не знае, но не може човек да седи настрана и да набљудува“, вели Героски.

Проектот на невладината организација АГТИС од Прилепе финансиран од National Endowment for Democracy (NED).

Дехран Муратов

Оваа вест е достапна и на: Albanian