Government building

АКТИВНО ИЛИ ПАСИВНО (НЕВОЗМОЖНА МИСИЈА)

Или, кои се владините мерки за намалување на невработеноста...

Кате Христовска

И ете уште еднаш во нашата мила и убава демократија една нова владина мерка : „Активно или Пасивно“...

Ништо не ми беше јасно ама за кратко и за жал многу брзо ти се разјаснува. Одиш во агенцијата за вработување за да се пријавиш како невработен, бидејќи бараш работа за да преживееш во демократијава и те пречекува службеникот со најнов формулар: Активно или Пасивно барање работа. Прашуваш за што станува збор, а тој ти вика: сé си има таму се ќе си прочиташ, оди во работниот клуб и пополни си го. Влегуваш во клубот и гледаш гужва од изгубени луѓе кои се буткаат да најдат слободно место за да седнат и го пополнат формуларот. Таму сите се прашуваат еден со друг што ли да напишат. На никого ништо не му е јасно. Од десетина службеници му приоѓам на еден од мајка роден (се погоди) и тој се ми објаснува   по ред: Ако се потпишеш дека активно ќе бараш работа ќе треба секој месец да се пријавуваш многу редовно без никакво доцнење оти веднаш ќе те бришеме, ќе треба секој пат да ни носиш оправдување зошто не те вработиле оти ако не донесеш ке те бришеме, ако имаме доказ дека сте одбиле работа т.е. не сте прифатиле, пак ќе те бришеме и така по ред.

Govt building (3) (Small)Прашувам значи ли тоа дека ќе бидам избришана од евиденцијата и ако одбијам било каква работа, на пример за плата од 4000-5000 ден? А одговарот е - па нормално, нема бре одбивање, одма те бришеме од список.

И така слушаш едно десетина пати како ќе те бришат од список за ова или она, и прашуваш – и што ако ме избришете? Одговорот веќе ги појаснува малку работите: ќе те нема една година на список. Автоматски било тоа, велат. Па така, автоматски, се намалува и општата невработеност, тие процентите. Веќе е уште појасно. Па ова ми изгледа како мерка за статистичко намалување на невработеноста, а не нешто друго.

Меркиве ми наликуваат на оние 24/7, ама лопата никој не спомна. Посебно Агенцијата која измислува глупости по секоја цена. Сите ние добро го занеме нивниот став, дека, демек, сите бараат работа, а всушност молат Бога да не ја најдат. Е па, навистина нема смисла, ќе не тераат да работиме за без пари и уште не критикуваат. Па знаат ли тие колку е месечен билет за автобус, па нели треба да се има некаква соодветна облека... Што да се купи или плати со таква плата. Па уште критикуваат, небаре тие знаат како живеат обичните луѓе. Па не знаат затоа што нивната плата сигурно не е 4-5 илјади денари месечно.

Добро,  му велам на службеникот,  а да потпишам за пасивност? Се правдам,  не знам дали ќе успеам да донесам докази,  потврди, не знам што да правам, никој никогаш не ти кажува зошто не те вработил! Таква пракса немаат фирмите кај нас. Службеникот ми се приближува и ми шепнува: не се секирај толку, сево ова е пробно , не знаеме како ќе биде! Пиши што сакаш ама пиши едно, ок? Хммм пробно а? А ако ме избришете? Службеникот крева раменици!

Сега мое е да одлучам: „Пасивност“ или „Активност“. Ако си го одберам тоа првото разбрав дека треба да се пријавувам на 6 месеци и незнаат како ќе биде. Во моето работно искуство досега нашата ни агенција никогаш никого не вработила, барем не мене или некој од тие што ги познавам. Еднаш ме викнаа за некое работно место, за работа што незнам да ја работам (не можам да работам на машина некаква, а немам вештина за тоа) и само кратко и јасно ме прашаа: Прифаќаш или одбиваш - јас одговорив дека не оти не сакам, туку не знам да го работам тоа што го бараат и тие веднаш ми рекоа дека, ете, одбивам, без да ми дадат уште некој збор да кажам или да прашам. И потоа, нормално, ќе ме избришат! Среќа моја набргу после тоа сама си се вработив па некако не успеаја , не стигнаа да ме избришат. И сега ќе заокружам „Пасивно“! како што ми предложи службеникот. Па да видиме. Можеби овој пат и ќе ме избришат, ако добиле задача да прават што да прават, невработеноста да се намали... Пробно било, па да видиме што ќе испадне.

Демократска пасивност или активност за намалување на невработеноста! Како ли да и објаснам на владинава мерка во мојата демократска земја дека само сакам да работам чесно и да заработам за да преживеам, ништо повеќе ! А има многу такви како мене за жал. А и заборавив дека сме во предизборие, па бројките им значат повеќе отколку луѓето.

За сега ќе одберам Пасивност, па што биде нека биде. . . .

П. С. Ќе видиме за шест месеци.

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish