Албанците никогаш не биле поголеми победници!

Албанските партии во Македонија никогаш не освоиле помалку мандати. Но, Албанците никогаш не биле поголеми победници, на кои било избори одржани досега во Македонија.

petrit-saracini-500x500-1-1-200x200

Пишува: Петрит Сарачини

Со години наназад, сите анкети, и леви и десни, и домашни и меѓународни, истакнуваа дека 90 проценти од Албанците, не го сакаат Груевски. Не е тешко да погодите ни зошто. Не е само поради Сопот, Бродец, Енциклопедијата, Монструм, Куманово, ставањето на осудениот воен злосторник Тарчуловски во Собранието, туку и поради „племето“, „Индијанците“, заплашувањето со „федерализацијата“, односно, константниот анти– албански наратив на Пастирот и на една група на луѓе кои со години наназад, сеат омраза во јавноста кон Албанците, а кои се сега негови најверни слуги.

И, пази сега. Како што стојат резултатите на изборите, за да направи Влада, Пастирот ќе мора да подголтне, и да побара да направи коалиција со „Индијанците“. Со оние, кои, заедно со Заев, според него, ќе ја поделеле Македонија. Секако дека прв негов избор ќе бидат неговите досегашни (кон)сензуални партнери од ДУИ. Но, тоа нема да биде доволно. Тој ќе мора да посегне и по „верниот до смрт“ Тачи, кој го призна изборниот пораз и им честиташе на, според него, победниците од Беса. Море, да не ќе мора Пастирот и со Беса и со Алијансата да прави муабет? Сè бива.

Но, да се вратиме на оние 90 отсто од Албанците што не го сакаат Груевски. ДУИ на изминатите избори имаше епохален резултат, 153.000 гласови и 20 пратеници, а сега ќе има двојно помалку! ДПА, исто така, е преполовена. Новите албански партии и коалиции освоија речиси половина од гласачкото тело! Тоа не е воопшто за потценување, како што не се за потценување ниту илјадниците Албанци кои гласаа за првпат своеволно (не под партиски диктат) за коалиција предводена од „македонска“ партија. Да не заборавиме дека во Арачиново, од кое во 2001-вата, УЧК го држеше на нишан Скопје, во 2016-та, СДСМ ја згази партијата која по митинзите во оваа кампања, со повиците „УЧК, УЧК“ сакаше да го покрие слугувањето кон мразачите на Албанците.

И сега, дали мислите дека меѓу партиите на Албанците, по оваа порака од електоратот, ќе има некоја која што би направила влада со Груевски и МВРО? Пак ќе речам, сè бива. Иако, 2-3 дена пред изборите, претставниците на четирите албански партии/коалиции на национална телевизија, јавно дадоа збор дека нема да коалицираат со Груевски, не е исклучено дека е можно меѓу нив да има некоја која прави и такви  „јуначки“ калкулации.

Сепак, нека не забораваат партиите на Албанците, се ближат локалните избори. Освен тоа, со оглед на резултатот од вчерашните избори, мошне е веројатно набрзо повторно да имаме парламентарни избори. А цената за слугувањето на оние што ги доживуваат Албанците како „Индијанци“, на овие избори им излезе прескапа. И таа ќе расте, на секој нареден изборен циклус.

Пораката на граѓаните Албанци е пратена. Сите кои сакаат да ја прочитаат, во неа ќе прочитаат желба за соживот, космополитизам, граѓанска зрелост... Но, и огромна желба за вистинска еднаквост, правда и почит.

Оваа вест е достапна и на: Albanian