Нешто пред 15 часот, колоната демонстранти тргна од собирното место кај пешачкиот мост на Бит пазар. Граѓаните- Албанци, во организација на ДР-ДПА, НДП, Здружението на ветерани на ОНА и неколку други здруженија, почнаа да се собираат околу 14 часот. Пред да тргне кон Собранието, дел од демонстрантите се упатија накратко кон Јаја-Паша, за да ги пречекаат демонстрантите кои доаѓаа од таа страна на градот.
Долж целата маршрута беше забележливо огромно присуство на полициски сили, во полна опрема. Кордон полицајци беше поставен на булеварот кон стоковна куќа „Мост“ со цел да ги спречи демонстрантите да појдат во правец на владата. Масата на ова одговори со скандирања „УЧК, УЧК“, а дел од демонстрантите ја повикуваа полицијата да им се приклучи.
Силно полициско обезбедување беше забележливо и пред новата зграда на МНР, приодот кон кејот, хотелот Холидеј ин, а просторот пред парламентот, освен коридорот преку кој демонстрантите дојдоа од Бит пазар, беше ограден од сите страни со железна ограда, оклопни возила и бројни полициски сили - и кон градска болница, триумфалната порта, но и кон ГТЦ.
Никому не му беше дозволено да помине, дури ни на новинарите и снимателите кои беа на задача, што претставува кршење на Уставот и на регулативата за ваков вид собири, која предвидува на новинарите да им биде овозможена слобода на движење со цел на извршување на нивните професионални обврски. Единствениот приод кон плоштадот и западниот дел на градот беше влезот на ГТЦ од страната на пешачкиот премин кај Холидеј ин.
На почетокот на протестот, на новинарските екипи им се обрати поранешниот пратеник, Хисни Шаќири. Во однос на ставот за про -демократските протести и можноста за заедничко протестирање, Шакири рече дека Албанците не треба да чекаат некој друг да им ја заврши работата. „Ние треба да бидеме присутни во Скопје. Скопје е главен град на сите. Ние треба да го кренеме гласот. Сами треба да се организираме. Не треба да чекаме други да не организираат и да не повикуваат на протести. Ние немаме ништо против никого, но имаме наш концепт, наша национална кауза, имаме значајни политички платформи пред нас, и протестите на Албанците треба да продолжат“, истакна Шаќири.
Тој воедно ги повика Албанците на протестот закажан за 9 мај од Опозицискиот совет на Албанците, во кој членуваат опозициските партии на Албанците кои не стојат како организатори зад денешниот протест.
Петрит Сарачини