Една жена која работела во локална продавница во помало македонско гратче неодамна беше набркана од работа. Газдата ѝ се јавил по телефон и ѝ рекол од утредента да не доаѓа повеќе на работа. Без отказен рок, без посебно објаснување. Но, таа има објаснување. Имено, подолго време, газдата ја малтретирал и ѝ се заканувал. Барал од неа да му каже на сопругот да престане со поддршката за Шарената револуција и ѝ забранувал да учествува на протестите против бесрамниот обид за аболиција на криминалците од Иванов.
Секој ден читам извештаи за луѓе врз кои се врши притисок. Тоа се луѓе, скромни и сиромашни, но горди. Сакаат да размислуваат со своја глава, а достоинството им значи повеќе отколку трошките милост кои ги делат моќниците.
Било да се под капата на „дарежливите“ партии или не, повеќето луѓе во Македонија се сиромашни. Многумина гладуваат. Веќе одамна не е реткост, мајки да тропаат на вратите на своите најблиски соседи да побараат остатоци од храна за своите гладни деца.
Луѓе одат по пекари и молат да им го дадат бајатиот леб. Некои и го продаваат лебот или кифлите од вчера или завчера за два до три пати пониска цена за сиромашните. На некој начин, општеството се прилагодува на тешката немаштија. И многумина, едноставно, решаваат да заминат во белиот свет.
За тоа време, началничките новинари неуморно удираат по своите тапани. Уште не беше стивната хајката по „двојазичноста“, на ред дојде специјалната обвинителка Катица Јанева. И повторно, провидни обиди сè да се релативизира. Медиумската грамадата тргна во поход сѐ да прикаже во поинаква светлина и да ја забошоти мрачната приказна за злоупотребите на власта кои токму тие, храбрите членови на тимот на Јанева, ги истражуваат.
Сакам овде да ви поставам неколку лесни прашања. Одговорете си, тивко во себе, за да се проверите каде сте, во маглата на манипулантите или во суровата реалност која ја создадоа токму тие манипуланти.
Дали Катица Јанева не е навикната на камери и има сосема вообичаена трема, својствена на скромни луѓе, или е недостојна да ја спроведе својата мисија на враќање на правото и правдата во нашата земја? Дали опозицискиот лидер Зоран Заев говорел за двојазичноста како дел од напорите да се спроведе Охридскиот договор докрај или е во таен пакт со мрачните сили за поделба на Македонија? Дали несмасно одговорил на Фејсбук статус или воведува нова масивна партизација на земјата (а како би можел)? Дали левичарите или либералите се толку неспособни и немаат што да кажат или намерно се турнати во длабока сенка и на маргините од сите процеси за да се одржи, како што тоа го нарекува Ивон Величковски во интервју за ЦИВИЛ Медиа, „партискиот поредок“ во Македонија?
Имам и неколку извичници сега, без оглед на одговорите на овие прашања:
Ало, Франкфурт! Почнете нешто да работите! Македонија е во ќорсокак со години! Луѓе гладуваат! Немаат со што да ги облечат своите деца за на училиште!
Решение за очајната состојба во која се наоѓа земјата е неопходно веднаш, без минута одложување. Ниеден проблем не е решен вистински, а нови секој ден избиваат на површината. Наместо тоа, сите се занимаваат со тремата на обвинителката, статусите и изјавите на Заев, а секако ги острат сабјите за нови меѓуетнички тензии за да ги скријат криминалите зад тешката завеса на апсурдната омраза. Едните напаѓаат, другите бранат. Едните со огромни пари и со институции зграпчени во канџите, другите од ќошињата на Интернет просторот.
А да сработеа нешто?
Тие што се напикани по институциите мора да знаат дека треба да почнат да ја заработуваат платата, бидејќи еден ден чешмата ќе секне сосема. Тогаш нема да биде важно кој од која партија е и кој е на власт. Ќе снема пари и ќе мора да си одат. Мора да се освестат и да ги оправдаат своите работни места, дали во судовите и општините, дали во училиштата и болниците – мора да престанат да работат за партијата, туку за оние што ги плаќаат, а тоа се граѓанките и граѓаните на оваа намачена земја. Тие веќе немаат пари, а сите заедно треба да ги отплаќаат кредитите кои се подигаа сите овие години за да ги задоволат ненаситните.
Изборите се на 11 декември, но дотогаш треба и да се јаде, да се оди на училиште, треба да се појде лекар, треба да се живее, па и да се умре достоинствено. И по изборите, животот треба да продолжи. И треба да биде подобар, а не полош. Треба човекот да биде послободен, а не послушен и заробен во канџите на месните комитети.
Секоја минута, секој час и секој ден се драгоцени делови од нашиот живот. Живот кој го уништуваат оние што мислат дека ќе живеат вечно. Мора да му се стави крај на тоа!
Објавено во Плусинфо и Слободен печат (23 октомври 2016).