Ангелов: Сите кои ја фалсификуваат волјата на гласачите, мора да бидат казнети!

За дебатата „Предизвиците во изборниот процес во Република Македонија“, една од серијата дебати „Македонија: со или без слобода“ - дел од активностите на Караванот на слободата, кој во изминативе четири месеци организираше повеќе видови активности во над 40 општини низ целата земја, ЦИВИЛ Медиа направи видео-интервјуа со истоветни прашања, со политичарите Стојанче Ангелов (Достоинство), Беким Фазлиу (ДПА), Петре Шилегов (СДСМ) и Павле Трајанов (Демократски сојуз)

ЦИВИЛ Медиа: Кои се главните предизвици во изборниот процес во Република Македонија?

АНГЕЛОВ: Јас не гледам никакви предизвици, гледам само проблеми, коишто повеќе од очигледно, ќе се случуваат на следните, вонредни парламентарни избори. Еден од најголемите проблеми е изборната корупција, односно, купувањето на гласачите, купувањето на гласачката волја со парични награди, со други материјални добра, како и изборното насилство или присилувањето на одредена категорија на гласачи да гласаат, се разбира, во корист на власта во конкретниот случај. И, воопшто, целата атмосфера која ќе биде создадена околу следните избори: да се биде или не! Бидејќи, за Никола Груевски следните избори не се прашање на победа и опстанок на власт, туку се прашање за останување на слобода. Тоа е мое лично мислење.

ЦИВИЛ Медиа: Кои се коруптивните елементи со кои се служат политичките субјекти во изборниот процес?

АНГЕЛОВ: Можам да зборувам за последните десет години и за ВМРО-ДПМНЕ. Пред сé, тоа се вработувањата, тие ја купуваат гласачката волја со вработувања и ветувања за вработувања. Знаеме дека има примери на решенија коишто ги давале, а решенијата стануваат правосилни по една година. Понатаму, унапредување во службата. Сведоци сме дека во Македонија одамна не напредуваат најспособните, туку најлојалните на партијата. Исто така, директно купување со пари и други материјални добра кои се дури тажни или смешни. Во одредени делови на Македонија, со канта сирење или со кутија зејтин можете да купите цела фамилија, цело семејство со 5-6 гласа. Овие се основните коруптивни начини што ги користи ВМРО–ДПМНЕ,а кои, за жал, се покажаа многу успешни.

ЦИВИЛ: Како да се спречи политичката корупција во Република Македонија?

АНГЕЛОВ: Милум или силум! За првото, ние немаме време, за тоа треба прво да имаме општа култура и за тоа треба демократската свест да биде подигната на повисоко ниво од она што е денес, бидејќи сметам дека демократската култура кај мнозинството македонски гласачи веќе е на пониско ниво, луѓето се помирија со она што им се случува! Луѓето, едноставно, веруваат дека не можат да го променат, иако господинот гласач, секој подинечен гласач, може да го промени овој момент. Вториот начин е - со сила, односно, со употреба на Кривичниот законик. Треба сите оние кои ќе извршат криминал при гласањето, да знаат дека овие дела не застаруваат туку-така, дека за некои од нив треба по 5-6 години да застарат... Сметам дека треба да се употреби едното од основните начела на кривичното право - сторителите на кривични дела повеќе ги одбива да не вршат кривични дела извесноста на казната, отколку висината на казната. Значи, сите оние, вклучувајќи ги и обичните гласачи коишто ќе земаат кутија зејтин за да гласаат за одредена партија, треба да знаат дека тоа претставува кривично дело и треба да бидат сигурни дека ќе бидат казнети! Овој пат, мораме да ги казниме сите оние кои на било кој начин ја фалсификуваат волјата на гласачите.

Маја Ивановска

Камера: Дехран Муратов


Караванот на слободата е патувачки фестивал, организиран од ЦИВИЛ и поддржан од УСАИД, кој ги користи уметноста и културата за да влијае на засилување на граѓанската свесност. Тоа е динамичен мултимедијален проект, што го поттикнува граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво, преку концерти, уметнички работилници, поетски и театарски перформанси, како и дебати и дискусии кои опфаќаат различни културни и општествени прашања кои се важни за граѓаните.

Оваа вест е достапна и на: Albanian