„Казна за трујачите!“, „Законите се само како тоалет хартија“, „Престанете да поставувате отров за животните, и во нив има живот“, беа само дел од транспарентите и извиците со кои вчера напладне, неколку десетици активисти на здружението за заштита на животните „Анималиа“ од Охрид и Струга, одржаа мирен протест на централниот плоштад во Охрид.
Тие бараат ревидирање на Законот за продажба на отрови за да се спречи труењето на бездомните животни.
Јована Мојсоска од „Анималиа“, за ЦИВИЛ Медиа изјави дека мора под итно да се ревидира законот за продажба на отров, бидејќи од фрлениот отров на улица, покрај животните, може да се отруе и некое дете. Таа вели дека македонските институции треба да го следат примерот на западноевропските земји, каде што не може секој да купува отров и да го користи за што сака.
Активистот Климент Арнаудов ни изјави дека надлежните институции треба да се ангажираат повеќе за да ги најдат и казнат трујачите на животните. Тој истакна дека немаат информации кој ги труе животните во охридско, но апелира до сите да престанат да ги трујат животните, „затоа што и тие имаат душа“.
Дехран Муратов