Анкета - граѓаните ги прашуваат политичарите: „До каде со оваа сиромаштија?“

ЦИВИЛ - Центар за слобода организира кампања во која им остава простор на граѓанките и граѓаните да одберат еден политичар и да му постават прашање. Сите кои сакаат да ја искористат оваа можност, може да испратат селфи-видео на [email protected] или на Фејсбук страната Civil MK .

Екипата на ЦИВИЛ Медиа денес на скопските улици направи анкета со граѓан(к)ите и од нив доби мошне интересни прашања, но и резигнирани одбивања да зборуваат за политиката, за партиите и за изборите...

„Власта, а - зине, лаже!“, „Се наоѓаме во ќорсокак, таму нé доведоа и едните и другите“, „Да ја поправат Македонија, многу бедни сме“, „До каде со оваа сиромаштија?“..., беа само дел од прашањата кои анкетираните скопјан(к)и им ги поставуваа на македонските политичари.

Една од граѓанките која сакаше да остане анонимна, но прифати да и го снимиме гласот, преку ЦИВИЛ му испрати прашање на лидерот на опозицијата Зоран Заев: „Дали ќе остане на ставовите кои сега ги изнесува, и ќе ја стекне довербата на народот со тоа што нема да биде како Никола Груевски?“

На сите политичари на кои граѓаните им поставуваат прашања преку анкетите и кампањата на ЦИВИЛ, нашите сајтови им се отворени за одговори, елаборирања и појаснувања на ставовите, се со цел - „да ја поправат Македонија“...

Маја Ивановска

Камера: Дехран Муратов

Монтажа: Ермин Климента