Повлекување на одлуката за аболиција, оставка на претседателот Иванов, овозможување непречена работа на СЈО и итна оставка и преземање на политичка и правна одговорност на целата Влада, се најважните барања на учесниците во Шарената револуција во Скопје и Прилеп, покажа теренска анкета на тема “Шарена револуција во Македонија”.
48,9 % од испитаниците кои протестираа во изминатиот период, од Шарената револуција и од секојдневните протести очекуваат “никогаш повеќе да не се повтори ваков тип на владеење.” Останатите испитаници се поделени во своите размислувања. 17, 5% од нив очекуваат целосен демократски институционален рестарт во земјата, а 14,3% се надеваат дека политичарите на долг рок ќе се научат на одговорност и отчетност пред своите гласачи.
Најголем дел од граѓанките и граѓаните кои се дел од теренската анкета, односно 88%, сметаат дека зад Шарената револуција стои движењето “Протестирам”.
На прашањето дали четирите субјекти потпишувачи на Пржинскиот договор имаат сè уште кредибилитет за разрешување на моменталната криза, 73,7% одговориле негативно, односно, сметаат дека четирите најголеми партии, кои се дел од Договорот од Пржино, веќе немаат кредибилитет за разрешување на кризата.
Протестот во голема мера може да влијае на зголемување на одговорноста на политичарите, сметаат најголем дел (88,4 %) од анкетираните поддржувачи на Шарената револуција.
Теренска анкета на тема “Шарена револуција во Македонија” , ја спроведоа Јосипа Ризанкоска (докторант по европска и компаративна политика на Универзитетот во Сиена – Италија) и д-р Јасмина Трајкоска (асистент на ФОН Универзитетот во Скопје) во периодот од 17 до 31 мај, во Скопје и Прилеп, врз 567 испитаници, кои беа дел од протестите во овие два града.
ЦИВИЛ - Центар за слобода, во периодот од 25-ти април до 5-ти мај, спроведе онлајн анкета на тема: Дали ги поддржувате протестите на „Шарената револуција“? Тогаш, 83,40% од над 700 испитаници на интернет одговорија дека целосно ги поддржуваат протестите.
Оваа вест е достапна и на: Albanian