Комисијата за прашања за избори и именувања одговори позитивно на барањата за апанажа од петте поранешни членови на Државната изборна комисија, за кои јавноста дозна дека ја злоупотребиле својата функција за да се стекнат со вртоглави суми бонуси, а се честеле и со прескапи мобилни телефони и други луксузни „играчки“ и бенефиции. Освен претставничката на Беса, сите членови на ДИК поднесоа оставки, по што оваа институција остана обезглавена и официјално.
Според член 22 од Законот за плата и другите надоместоци, според кој пратеник, функционер и раководен работник кој поднел оставка или е разрешен од должноста пред истекот на времето за кое е избран, именуван или назначен, ги има сите права од член 19 на овој закон, со кој се одредува апанажата, парламентарната комисија немала друг избор освен да им одобри околу илјада евра месечно во рок од една година.
Според приложените барања, Комисијата за прашања за избори и именувања со донесената одлука, утврдува дека нема основа да се повика на Членот 23 според кој лицата од став 1 на овој член го немаат правото од член 19 на овој закон, односно тоа право им престанува ако се правосилно осудени за кривични дела против државата или за кривични дела сторени од користољубие. Во став 1 од Член 23 се вели дека на пратеник, функционер и раководен работник му престанува правото, пред истекот на времето утврдено во член 19 на овој закон, кога тој тоа ќе го побара, кога ќе се вработи или ќе биде избран или именуван на друга функција врз основа на која остварува плата.
Но, во јавноста, според граѓанките и граѓаните, но и според ЦИВИЛ и правните експерти со кои се консултиравме, постои уверување дека одлуката на Комисијата требала да биде поинаква, односно требало да го земат предвид фактот дека постојат индиции за злоупотреби на функцијата и јавните пари.
Извештаите, наодите и анализите на ЦИВИЛ, како организација со долгогодишно искуство во изборното набљудување, кое подразбира и мониторинг на ДИК, укажуваат дека постојат индиции за кршење на законот и од страна Комисијата за прашања за избори и именувања. Зошто?
Најпрвин, основата на оставката на членовите на ДИК е резултат на притисокот од јавноста. Во тоа време видеото што ЦИВИЛ го објави како дел од иницијативата „Барам одговор“, ДИК, оставка кога? стана вирално и далеку од тоа да беше единствен начин на искажување на револтот во медиумите и социјалните мрежи. Утредента, на посебна седница, членовите на ДИК поднесоа оставки со низа образложенија, но во ниту еден момент не наведоа јасни причини, дека оставките се должат на манипулации и злоупотреби на законите и процедурите, поради нетранспарентност и лош менаџмент на јавните пари. Институциите беа слепи, глуви и неми, како и секогаш. Тие не поведоа постапка за расчистување на случајот. За награда, сега граѓанките и граѓаните треба да плаќаат и за апанажата на членовите на ДИК кои се, сосема заслужено, на многу лош глас.
ЦИВИЛ континуирано ја алармираше јавноста и ја повикуваше Државна изборна комисија да се држи до принципите на транспарентност и одговорност. ЦИВИЛ поднесе и барање за информации од јавен карактер токму во делот на трошење јавни пари за 2016 и 2017 година, меѓу кои и за висината на поединечните месечни примања, бонусите, мобилните телефони, набавките и други прашања поврзани со законитоста на работењето на 9-те членови на Државната изборна комисија.
Одговорот беше дека нашите барања не се информации од јавен интерес. Набргу се покажа токму спротивното. Излегоа сите информации со конкретни суми за секој член поединечно, вклучувајќи ги и бонусите.
На таа сума пари и неодговорното однесување, барањата за апанажа беа критикувани, со трошка надеж дека Комисијата за прашања за избори и именувања ќе одлучи поинаку, соодветно на законот. Но, одлуката на оваа парламентарна комисија била донесена автоматски, без расправа и без никакви дополнителни постапки. Комисјата имаше обврска да донесе одлука откако ќе се утврди нивото на одговорноста за злоупотреби на функцијата и злоупотреба на јавните пари. Наместо тоа, Александар Чичаковски, Виолета Дума, Игор Милев, Силвана Бонева и Субхи Јакупи државата, односно даночните обврзници ќе плаќа апанажа уште една година.
„Злоупотребите на јавните пари, нетранспарентноста и неодговорноста се доволно црни дамки во работата на ДИК, а да не говориме и за сите факти кои укажуваат на лошо спроведени изборни циклуси во 2016 и во 2017“ - коментира Џабир Дерала од ЦИВИЛ - „Комисијата за прашања за избори и именувања премногу лесно ја помина оваа точка на нивниот дневен ред. Како да живеат во друга земја и како да не се одговорни за парите на граѓанките и граѓаните кои ги избраа на нивните функции. Тоа е неприфатливо однесување и само покажува каков однос имаат парламентарците кон нашите пари.“
ЦИВИЛ сè уште нема одговор на барањата, освен дека мора повторно да поминува низ истата процедура. Односно, како што објасни Љупка Гугучевка, во изјава за ЦИВИЛ Медиа, ако еднаш барањето добие одговор, незадоволната странка може да поднесе повторно барање и во тој случај стручната служба на ДИК ќе се произнесе повторно по барањето. И тоа може да оди во бескрај, сé додека некој не се откаже.
Ваквото расчленување на случајот „Оставка на ДИК“ не насочува кон горенаведениот член 23, став 1, конкретно кон немањето право на апанажа, доколку е сторено дело од користољубие.
За крај, спорна е и одлуката на Комисијата за барањето за апанажа на Виолета Дума. Нејзиното барање за апанажа се одбори, а според старосната граница таа веќе треба да е во пензија. Ако веќе е одлучено, тогаш самата Комисија во нејзиниот случај, според член 19 од Законот за плата и другите надоместоци во кој се вели дека пратеник, функционер и раководен работник не може да го стекне правото апанажа, ако ги исполнил условите за стекнување право на старосна пензија, согласно со закон, го прекршила законот.
Довербата во парламентот и ДИК е истрошена. Како мислат да подготвуваат нови избори со нула доверба во нив, не е јасно. Овој скандал допрва ќе ја чини земјата и повеќе отколку целата сума пари што е злоупотребена. За нешто повеќе од половина година треба сѐ да биде подготвено за изборите идната година, бидејќи изборниот систем, институциите и законот не смее да бидат менувани шест месеци пред одржувањето на изборите.
Биљана Јордановска