Јас сум, сепак, среќна жена!

„По четиригодишна врска, признавам, јас запекав за брак и дете, иако бев свесна дека тој самиот е сé уште дете... Но, ете, имав 30 години, сакав да имам свое чедо. Моја инспирација, смисла во животот и ѕвезда-водилка. И Господ знаеше колку многу го посакувам тоа, и од првиот обид останав бремена. До свадбата функциониравме одлично, но по тоа судбоносно „ДА“, сé се промени.

Наеднаш им пречеше што сум вработена, што не чекав 100 денари за влошки од нив... Најмногу и пречев на мајка му, со која тој ден-денес ја нема пресечено папочната врвца, а која секогаш имаше нешто против еманципирана, модерна и современа снаа. Побара, ако работам, парите да ги давам кај неа?! Побара да се откажам од пријателите, и како најболно од сé, од моите родители?!

muaZsOmПо првата кавга, во која јас имав стомак до заби – бремена во осми месец, а ми беше свиткана раката и бев турната – пресеков! Се јавив кај моите, си ги собрав дел од работите, и заминав. Во тој момент, знаев дека сé заврши. Се вратив кај моите. Од мајка ми имав потполна поддршка. Не велам дека немав и од татко ми, но видов дека се срами. А тогаш, почна пеколот.

Почнаа закани од семејството на сопругот. Детето ми го нарекуваа копиле, мене ме нарекуваа к..., но јас не се предавав. Во мене ја имав најголемата причина за живот. Нормално, бев под стрес и плачев, затоа што сакав моето дете да расте со мајка и со татко. Но, најверојатно и хормоните си работеа, затоа бев плачка. Стигнав и до фаза – целиот девети месец од бременоста да го поминам по болници. Фала му на Бога, на 14 декември се роди моето сонце, мојата Д.

Одеднаш, започна нова борба во мојот живот. Сите заштедени пари ги имав вложено во местото кое требаше да биде наш дом... Имав дете во раце, а нула денари в џеб... Моите беа финансиски немоќни, а јас без млеко за доење. Парите од социјалното за породилното – доцнеа. Сé до март, неспани ноќи со многу солзи и многу гнев акумулиран во мене. Тоа го чувствуваше и моето дете и непрекиинато плачеше. Господ здравје да им даде на сестра ми и зет ми, и на мојата најдобра другарка, кои среде ноќ доаѓаа со кесичка ’памперс’ и со млеко, зашто јас не можев да си ги дозволам.

Имам прекрасен ’газда’, ми го остави целото породилно, односно, парите за детето, веднаш ме врати на работа и ми даваше плата. Наеднаш проблемите околу финансиите исчезнаа, но јас работев со детето во едната рака, и по 13 часа на лаптоп. Си ветив дека нема да пролеам ниту една солза... И не пролеав оттогаш.

Во првите седум дена по раѓањето на Д. требаше заедно да ја пријавиме, но тој одбиваше, ми правеше проблеми, и на крај, едвај, го пријавивме детето. Деновите си одминуваа, поканата за развод беше испратена, а тој вешто ја избегнуваше. Дојде и тој ден, појдовме на суд, и на господинот кој имаше примања од 1.800 евра, но не беше пријавен, му одредија алиментација од 3.000 денари! Јас сум имала одлични примања... Но, налет и пари, и сé! Не ми треба ништо, само мир и спокоен живот за мојата принцеза.

И таман, кога помислив дека мојот живот ќе биде нормален, се појави новата жена на мојот екссопруг и почна да ми пишува на Фејсбук од лажни профили.. Да сум го тргнела копилето, за тој да не ја гледал... Имаше  пет фотографии на мојата принцеза со татко и на мојата страница. Се закануваше дека нема да добијам алиментација, правеше скандали, и напишав пријава во полиција. И фала богу, ја снема. Но, и него со неа. Не ја побара ќерка ми цели две ипол години...

Си реков, не можам во иста куќа да бидам со моите и со неженетиот брат, ајде да видам за стан за самохрани мајки... Ништо од тоа, немам партиска книшка, ни врски...

Но, добро. Мојата најголема предност е тоа што работам во странска фирма и здравје, наскоро ќе се преселиме во странство и со ќерка ми, ќе почнеме нов живот.

Бев будала, се разболев, се до моментот кога си ја чукнав главата и размислив. Па, јас сум среќна жена! Не трпам тортура од никого, живеам како мене ми одговора, мојата принцеза ја воспитувам да биде храбра, решителна и силна жена! Ја учам дека мора да се соочи со сé во животот, и да се навикне дека за сé мора самата да се избори!

Им порачувам на сите жени да веруваат во себе и да не предаваат, туку храбро да чекорат напред во животот, со гордо крената глава, и никогаш да не дозволат некој да ги омаловажува или навредува! А на самохраните мајки, да бидат она што се - жени за почит и пример“.

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја покрена новата проектна активност Една може! (Një mundet! / One can!) во чиј состав е Групата за поддршка на самохраните родители. Најголем дел од самохраните родители се мајки, кои покрај егзистенцијалните проблеми, често се и жртви на семејно насилство, на односот на семејството и на средината кон нив, но и на мобинг на работното место и на индолентноста на институциите на локално и на државно ниво. Објавувањето на селектираните и редактирани исповеди на самохраните мајки, кои токму од горенаведените причини сите побараа да им се заштити идентитетот, е само првиот чекор на ЦИВИЛ – Центар за слобода, за соочување на јавноста со секојдневните проблеми на самохраните мајки.