Активистката на Шарената револуција, Јасмина Дуриќ, која доби отказ од Министерството за одбрана, поради учеството на протестите против аболицијата на 56 лица од претседателот Ѓорге Иванов, во разговор за ЦИВИЛ Медиа истакна дека поднела судска пријава, но и дека сé уште нема добиено решение со наведени причини за прекинот на работниот однос.
ЦИВИЛ Медиа: Долг период работевте во Министерството за одбрана, односно во АРМ, но бевте активна на социјалните мрежи и на дел од медиумите. Деновиве добивте отказ...?
ДУРИЌ: Мојот случај почна откако почнаа протестите против аболицијата на претседателот на Република Македонија, со фотографијата што беше објавена, на која сум во првите редови против припадниците на полицијата. Веднаш, по 5-6 дена, добив прекоманда, по таа прекоманда бев казнета 10 отсто од платата - за нарушување на угледот, затоа што настапував по телевизии и што го изнесов случајот во јавност. Барав потоа да ми одобрат годишен одмор, но не успеав да добијам, исто така, барав неплатен одмор, и тоа не ми го одобрија... Потоа, сакаа да ме задолжат на друго работно место, односно, да почнам да ја должам кујната, иако претходното место не ми беше раздолжено. Тоа го почувствував како притисок, финансиски да ме заглават, јас така го доживувам тоа...
ЦИВИЛ: Како го доживувате ова што ви се случува, какви се вашите реакции?
ДУРИЌ: Ова го доживувам како најдобра можна опција во моментов, затоа што не го гледам моето место во таква Армија, во таква државна администрација... Значи, системски се уништуваше Армијата, откако сум влезена таму, од 2002 до 2016 година, системски се уништи целосно, особено, последните 4-5 години откако дојде ВМРО на власт. Никогаш војската не била партизирана и не било така! И мојот случај не е прв и единствен, туку има многу други случаи, но од страв, од егзистенцијални и финансиски причини, вработените не ги кажуваат своите маки и проблеми, туку се присилени да патуваат од еден до друг крај на земјава. Се плашат да ги кажат своите ставови и не се чувствуваат слободни како граѓани, и некако, како да ги ограничува униформата, наместо да ги ослободи. Војската не смее и не треба да биде партизирана! Треба да е за граѓаните и да спроведува граѓански политики и да се чувствуваат луѓето слободни да зборуваат.
ЦИВИЛ: Што планирате во иднина, кои чекори ќе ги преземете?
ДУРИЌ: Јас веќе го тужам Министерството за одбрана, планирам правдата да ја побарам на суд. Не сакам да бидам скептична, но имавме прилика да слушнеме од автентичните снимки како се местеа судии и на кое ниво е судството, така што немам голема доверба дека ќе постигнам нешто ако останат работите вакви какви што се. Јас се чувствувам охрабрена и сакам да им се заблагодарам на сите пријатели што ми дадоа поддршка и материјална и секаква... Сакам и на новинарите да им се заблагодарам што имаа храброст да го објават мојот случај. Сакам да им се заблагодарам и на Хелсиншкиот комитет за човекови права, без кој, немаше да се охрабрам да го зборувам ова, а да немам некаква правна поддршка. Бескрајно сум им благодарна на вработените во некои институции, кои поради симпатии за случајот, не слушаа некои наредби од „озгора“ дадени, така што јас сум охрабрена и би сакал да ги охрабрам сите останати луѓе кои што чувствуваат притисок, посебно во државна администрација - дека не мора да го прават тоа. Затоа што секогаш се наоѓа подобра опција, секогаш се наоѓа друга работа! Не е крај на светот - за некоја плата од 300-400 евра, да мора да се трпат секакви притисоци, особено што таа плата може чесно да се заработува во државната администрација, или во некоја друга фирма во која се работи како обичен работник. Јас работев како референт, не бев директор, не бев раководител на сектор, туку чесно си ја работев својата работа и чесно си ја заработував платата... Работев за Република Македонија, не за одредена владејачка партија.
Дехран Муратов