Атак врз слободата на говорот - жесток удар врз демократијата

Дваесет ипет години македонска независност, дваесет и две новинарско искуство и 15 години трауми, неправди, цензури, закани од одредени структури, репрезенти на државни институции, но и на служби за обезбедување, отказни решенија, социјална неправда на патот кон непрекинатата борба за слобода на говор, борба за правда, опстанок, борба за слободно новинарство, засновано само врз начелата на објективно, балансирано, вистинито и точно информирање на јавноста!

Monika Taleska

Пишува: Моника Талеска

Вака најкусо можам да го опишам мојот пат во новинарството сите овие години, во кои два пати добив отказни решенија, а во три наврати, медиуми во кои работев како уредник на одредени рубрики или редовен дописник ми ја прекинаа соработката, само и само затоа што не можам да се пазарам со себе и новинарството. Затоа што не е дезинформација да кажете дека „ќе се имплементираат мерки за поттикнување на невработеноста“, но чиста проституција на духот и професионалноста е да тврдите дека „невработеноста енормно се намалува“.

И отказните решенија, (ослободени со свесноста за нескротливата слобода на духот, креативноста, широчината на мислата, скршените синџири на зависноста и мирен сон без борби со совеста и срамот, и покрај предзнакот на економската неизвесност, зашто и ние новинарите сме граѓани со семејства) во овие услови на распарчена демократија, на атак врз сите граѓански слободи, на насилство врз јавното мислење, медиумска дезинформираност до степен на перверзија на говорот и мислата, впрочем се идеална привилегија.

Само вака, чесно и совршено јасно е исцртана црвената линија, меѓу нас новинарите-борци за слобода на говор, од „тивките послушници“ кои секој ден го полнат со страв од неизвесноста и заканите кога максимите на нивните претпоставени „ако не ти одговара, оди си, има замена и за тебе“, ќе станат реалност.

Денеска, на Светскиот ден на медиумските слободи, повеќе од кога и да било, посакувам сите новинари во Македонија, (државата во која `метастазите како автоимуна болест, нараснаа до таа мера, што новинарството е сведок на сопствениот погреб) гордо да се исправиме, да ги кренеме перата високо, застанувајќи на браникот на демократското, слободно, објективно, навремено информирање на јавноста.

Бидејќи Македонија, и натаму ќе стои на перонот, каде веќе не запира ниту еден воз кон демократската иднина и развој. Затоа #Протестирам!