Бараме теренска проверка без уцени и манипулации!

Државната изборна комисија донесе едногласна одлука да го усвои извештајот од вкрстените проверки и статистички анализи на Избирачкиот список, според кој се спорни, сомнителни или неконзистентни 316.000 гласачи.

Во текот на минатата година се зборуваше за повеќе различни методологии според кои треба да се прочисти Избирачкиот список, од предлозите тоа да се направи преку активна регистрација на гласачите, до вкрстување на податоците од 10 бази на податоци. Во ниеден момент не беше напуштена идејата за теренска проверка на Избирачкиот список, а тоа се чини неопходно особено сега, кога резултатите од вкрстената проверка се фрапантни и претставуваат непријатно изненадување за целата јавност. Извештајот на ДИК за Избирачкиот список ги надмина дури и проценките за најмалку 120.000 спорни гласачи во Избирачкиот список со кои излезе ЦИВИЛ пред повеќе од две години.

12442768_10208964912740208_1872413641_n

Од самиот почеток, постоеше опцијата за целосна теренска проверка на Избирачкиот список, за што се залагаше опозицијата, за на крајот од овој процес да се донесе одлука да се спроведе теренска проверка само на една третина од спорните гласачи во Избирачкиот список, односно само на 110.440 спорни гласачи. Според одлуката на ДИК, дополнителна административна проверка ќе има за 62.837 гласачи, а потоа теренски ќе се проверува, доколку се констатира дека има потреба за тоа. Административна проверка ќе има и  за неколку други категории, како што се 35.859 гласачи кои се починати. ДИК одлучи да не се прави проверка за 124.027 гласачи кои ги нема во базите со податоци во текот на изминатите девет месеци, а кои се веројатно заминати од земјава.

Наспроти почетниот импулс со кој ДИК ги оправда надежите дека, конечно, се работи на вистинско прочистување на Избирачкиот список, со одлуката теренски да се проверат само една третина од спорните гласачи се фрла нова сенка на овој процес.

Со последната одлука на ДИК за делумна теренска проверка со мали размери, остава сомнеж дека се спасија дел од фантомските гласачи за кои ЦИВИЛ гласно говори веќе неколку години. Затоа, ДИК треба да ја преиспита и да донесе одлука која ќе влее доверба во тоа што го прави оваа институција.

ЦИВИЛ уште еднаш нагласува и бара од државата да обезбеди максимално почитување на гласачкото право на граѓанките и граѓаните и да обезбеди максимална доверба во изборниот процес. Државата има обврска да ги обезбеди сите услови за слободни избори преку своите институции. Довербата во Избирачкиот список е, без сомение, клучна! Државата мора да ги покрие трошоците за теренската проверка и да обезбеди услови за сите засегнати страни да го мониторираат тој процес.

Бараме од Државната изборна комисија да постапува максимално професионално и да им даде предност на експертизите. Исто така, се надеваме дека ДИК ќе воспостави поредовна комуникација со организациите на граѓанското општество кои веќе долго време се инволвирани во мониторинг на изборните процеси и кои можат да понудат експертизи и друг вид поддршка на процесот.

ДИК мора да направи таква теренска проверка што ќе обезбеди доверба од сите засегнати страни, но најмногу кај граѓанките и граѓаните на Република Македонија. Бараме точна проверка, без пардон и без уцени од било кој вид!

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish