Амбасадорот на САД Џес Бејли, на својот Твитер профил и на официјалната Фејсбук страна на американската амбасада, објави коментар што се однесува на моменталната политичка состојба во Македонија. Како најдобар начин да се обезбеди релевантен изборен процес, тој препорачува сите политички партии во Македонија да учествуваат во изборите.
„Спроведувањето на Договорот од Пржино е од суштинско значење за продлабочување на евроатлантската интеграција на Македонија, нешто што САД силно го поддржуваат. Оставката на премиерот е важна пресвртница во тој процес. Истото важи и за веродостојните избори. Ние ќе продолжиме да ги поддржуваме подготовките за изборите, особено работата на Државната изборна комисија, како и реформите во медиумската средина и другите реформи. Времето е кратко. Ги повикуваме сите партии и организации да учествуваат на изборите, тоа е најдобар начин да се подобрат институциите и да се обезбеди веродостоен процес. САД ќе го следат напредокот на овој процес и ќе направиме процени, исто како и ЕУ, ОБСЕ и другите тела“ – вели Бејли
А евроамбасадорот Аиво Орав денес истакна дека Договорот од Пржино сепак, не е мртов, дека „прележал неколку болести, но дали ќе преживее, ќе зависи од партиите што се инволвирани. И двете страни се во право. Има аргументи и за почитување на датумот за избори, но и за одложување, бидејќи решавањето на многу прашања доцнеше“, изјавил Орав.
Тој денес ги потенцираше медиумските напади против европските претставници и посредниците во преговорите, кои понекогаш преминувале во конкретни закани, поради кои е креното нивото на заштитата на безбедноста на претставниците на ЕУ! „Ние сме тука за да ви помогнеме, бидејќи вие сте земја-кандидат, но сега веќе започна негативна кампања против посредниците на ЕУ, и на самиот комeсар Хан како и против неговиот експерт во Скопје, Ванхауте… Дури и заканите се зголемени до таа точка што сме принудени да ги зголемиме мерките за безбедност", изјави Орав.