Финалето на проектот на Цивил „Слободни и ненасилни избори 2013“ се одржа во четвртокот, 13 јуни, во хотелот Stonebridge во Скопје, пред голем број претставници на амбасадите во РМ, домашните и меѓународните институции и граѓанскиот сектор, како и претставници на медиумите
„Бескрупулозна борба за власт“ е насловот на публикацијата што во четвртокот, на 13 јуни, ја промовираше Цивил, финализирајќи го на тој начин обемниот проект „Слободни и ненасилни избори 2013“ што го спроведе во изминатите пет месеци.
Насловот на книгата која беше промовирана во хотелот Stonebridge во Скопје воедно претставува и сублимирана оценка за начинот на кој беше организиран и спроведен последниот изборен процес во Република Македонија.
Пред многубројниот аудиториум, во кој имаше претставници на дипломатскиот хор, на меѓународни и домашни институции, на граѓанскиот сектор и на медиумите, уште еднаш во оваа прилика беше потсетено на активностите на Цивил во овој изборен процес и на резултатите од истите.
Претседателот на Цивил Џабир Дерала и координаторката на работните групи за превенција Албулена Карага на промоцијата информираа дека во проектот беа вклучени над 160 лица кои чесно, совесно и храбро ги изршија своите задачи. Резултат на нивните активности, како и на сеопфатниот мониторинг, во кој се евидентираше секој вид нерегуларност, е извештајот „Бескрупулозна борба за власт“.
При промоцијата на публикацијата, беа презентирани активностите на Цивил во рамките на овој проект, а беа изнесени и оценките за регуларноста на изборите и согледувањата како резултат на сеопфтаниот мониторинг на партиските кампањи, активностите на државната и локалната администрација, процесот на гласањето и начинот на известување на медиумите за целиот изборен процес.
Презентирајќи ја публикацијата „Бескрупулозна борба за власт“, Дерала и Карага ја пренесоа оценката на Цивил дека овие избори беа едни од најнедемократските одржани до сега во Република Македонија.
Бројни беа случувањата во текот на целата година пред изборите кои навестуваа дека може да се очекува се само не демократска борба за освојување на власта на локално ниво, а кулминацијата ја доживеаја со случувањата на 24 декември, односно бруталната полициска интервенција над опозицијата и новинарите во Собранието на Република Македонија.
Партиските кампањи беа агресивни и нападни, со изобилство на говор на омраза, при што предничеше најголемата владејачка партија. Во служба на партиите, со цел обезбедување гласови, беа ставени државните и локалните ресурси и административци.
Забележано е и масивна злоупотреба на децата, при што срамна улога одиграа и дел од наставниот кадар и раководители на образовните институции. Бројни беа и незаконските вработувања во текот на изборната кампања, а забележани се и бркања од работа на политичките неистомисленици.
Граѓаните и гараѓанките беа изложени на досега невидени притисоци, закани и уцени, така што воошто не може да стане збор за „слободно изразена волја“. Најжесток беше притисокот врз социјално ранливите групи и помалите етнички заедници, пред се Ромите, но и останатите.
Жестоките националистички говори на челници и кандидати на дел од парттиите и мобилизирањето на гласачите по етничка линија, нарочито во Кичево и Струга, нанесоа големи и долгорочни штети на ионака вжештените односи меѓу Македонците и Албанците.
Демографската интервенција, насловена во книгата едноставно како „Пустец“, иако позната и од порано како средство за фалсифкување на волјата на граѓаните, владејачката партија на овие избори ја изведе на невидено дрзок и безобзирен начин.
Обемниот мониторинг на медиумите само ја потврди и претходно повеќепати изнесената оценка, меѓу другите и на Цивил, за високиот степен на непрофесионализам како последица на нивната неслобода и финансиска зависност од владата и други центри на моќ. Нивната улога на овие избори е оценета како срамна, што посебно се однесува на оние кои застанаа отворено и жестоко во поддршка на партиите од владејачката коалиција. Со напомена дека имаше и (неколку!) медиуми кои чесно и професионално си ја завршија работата, Цивил оценува дека повеќето може да се оквалификуваат како партиско-државни гласила.
Извештајот содржи и препораки до властите, политичките партии, граѓанскиот сектор и медиумите. Овие препораки се засновани на внимателно набљудување и избор на најгорливите проблеми и се со цел да се овозможат и долгорочни и краткорочни услови за навистина слободни и ненасилни избори во иднина, како и да се подобри состојбата со човековите права и демократијата во земјата.
Меѓу другото, се апелира до власта да ги реши проблемите со избирачките списоци, закоснки да се регулира изборната кампања, како и да се измени начинот на избор на членовите на Државната изборна комисија, со цел таа да стане стручна, наместо партиска. Се бара и запирање на постапката за донесување на законот за медиуми, кој дополнително ќе ја усложни состојбата со слободата на изразувањето.
Гостите на церемонијата, на коктелот организиран по презентацијата, имаа можност да разменат мислења во врска со неодамнешните избори и случувањата во текот и по нив, меѓу себе, со останатите (покрај Дерала и Карага) автори на завршниот извештај –Харалд Шенкер, Ристо Поповски, Анушка Цветковска и Илир Ајдини, како и со други учесници во проектот „Слободни и ненасилни избори 2013“.
Фотографии: Ванчо Џамбаски, менаџер на грантови и логистика, ФИОО-Македонија