Бегајќи од одговорноста за криминал, власта влегува во фиктивен натпревар

ЦИВИЛ – Центар за слобода и низа други релевантни институции, организации и експерти од земјава и од странство упатија недвосмислени оценки дека не се создадени ни минимум услови за слободни и кредибилни избори на 5 јуни. ВМРО-ДПМНЕ реши да оди на избори сама и со тоа ја предизвика целата домашна и светска јавност.

Ваквото однесување на владејачката партија, која остана без поддршка и од својот коалициски партнер од Владата, претставува сериозен атак на напорите да се надмине политичката криза во земјата.

Институциите во Република Македонија, како Собранието, така и Државната изборна комисија, имаат одговорност да помогнат во надминувањето на оваа состојба и да не дозволат уште една изборна кражба. Ги повикуваме да преземат итни чекори да ја спречат оваа изборна лакрдија и гротеска, која е неодржлива ниту во политичка, ниту легална смисла на зборот.

Секоја споредба со други состојби во минатото е бесмислена, бидејќи во земјава се води сериозна истрага за изборен криминал на претходните изборни процеси кои ги организирала токму партијата на власт. Ова е патолошки случај, во кој партијата на власт сака сама да се натпреварува со себе, бегајќи од вистинско соочување со своите политички опоненти, но и од одговорноста за кривични дела. Иронично, се наметнува прашањето, дали власта ќе успее да победи без лажирање и на фиктивен изборен натпревар на кој учествува сама.

Република Македонија веќе нема ниту време, ниту пари за вакви налудничави акробации.

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish