Сакате да дејствувате како слободни граѓанки и граѓани? Сакате да влијаете на јавното мислење и на реформските процеси од независна и објективна позиција? Не сакате да заглавите во бирократска и фолирантска квази-организација? Сакате да бидете одговорни и корисни за општеството? Во потрага сте по нови вештини? Ви треба простор за вашата креативност? Имате потреба и желба да придонесете кон враќање и изградба на демократијата во Република Македонија?
Нашиот одговор е едноставен: Биди ЦИВИЛ!
ШТО ПРАВИ ЦИВИЛ ВО ОВОЈ ПЕРИОД?
Дел од активностите на ЦИВИЛ во овој период е долгорочен мониторинг на политичките процеси и состојбите на човековите права и спроведува проекти во областа на изборите, медиумите, социјалната правда, граѓанската партиципација, одржливото општество и контролата на оружјето. Организацијата секојдневно ги објавува своите наоди, анализи и препораки преку медиумската платформа на ЦИВИЛ Медиа. Повеќе за ЦИВИЛ: www.civil.org.mk.
Со вклучувањето во тимовите на ЦИВИЛ ќе помогнете во разоткривањето на случаите на кршење на човековите права и слободи, злоупотребите на институциите и аномалиите во нашето општество. Во соработка со граѓанките и граѓаните, ЦИВИЛ ќе продолжи да ја алармира јавноста и да бара од институциите да ги решаваат проблемите во духот на транспарентноста и одговорноста.
На ЦИВИЛ постојано му се потребни прогресивни, сестрани, активни и објективни луѓе, со искуство во некоја од областите: истражување, мониторинг, новинарство, односи со јавноста, а пожелни се вештини со камера, монтажа, дизајн, мултимедија, и слични квалификации.
ЦИВИЛ ги поканува сите свесни и активни граѓанки и граѓани да се вклучат во организацијата со Изјава за поддршка, а доколку имаат потреба за волонтерска или хонорарна позиција во проектите на ЦИВИЛ, треба да испратат кратка биографија (макс. 1 стр.) и мотивациско писмо (макс. 150 збора). Во мотивациското писмо опишете ги мотивите и подготвеноста за исполнување на работни обврски заедно со тимот на ЦИВИЛ, како и по неколку збора за искуствата, вештините и областите во кои би сакале да имате дополнително менторство во текот на работата. ВАЖНО: Ако сте биле дел од семинар или некоја друга активност на ЦИВИЛ, а не сте пополниле Изјава за поддршка, наведете го времето и местото на таа активност во мотивациското писмо.
Ќе се разгледуваат исклучиво апликации пристигнати по електронска пошта. E-mail: [email protected]. Доколку не добиете повратна порака дека апликацијата е пристигната, ве молиме, јавете се на 02/5209176 или напишете ни порака на нашата ФБ страница.
АНГАЖМАН
Голем дел од ангажманот на ЦИВИЛите се состои во:
- мониторинг, истражувања, анализи, продукција на медиумски содржини на теми соодветни на проектите и основните документи на ЦИВИЛ;
- активизам и граѓанска едукација;
- претставување на ЦИВИЛ во јавноста
- мониторинг и комуникација со институциите, политичките партии, граѓанското општество, меѓународната заедница итн.
Секојдневно, се продуцираат вести, анализи, интервјуа, репортажи итн. Содржините се објавуваат во сите формати (видео, фото, аудио и текст) на повеќе веб страници и на социјалните мрежи.
Зависно од потребите и интензитетот на проектите, дел од апликациите ќе водат до учество во проектите на ЦИВИЛ на волонтерска основа, но и на хонорарна соработка со секојдневен или повремен ангажман на определено време, зависно од проектите и другите потреби на организацијата. Работата и позициите во ЦИВИЛ се динамични и интересни, така што волонтерски статус може лесно и брзо да биде заменет со сериозна позиција во некој од многубројните активности и проекти на организацијата.
Веднаш да им одговориме на заинтересираните кои не живеат во Скопје: Не е важно каде живееш. Важно е да си ЦИВИЛ. Ние сме национална организација, постојано присутна насекаде низ Македонија, а таму си потребна/потребен токму ти.
КОИ АПЛИКАЦИИ ИМААТ ПРЕДНОСТ?
Предност ќе имаат апликации од граѓанките и граѓаните кои веќе потпишале/пополниле Изјава за поддршка на ЦИВИЛ и кои биле активни во организацијата и во претходниот период. Но, не е доцна и за другите. Вашата апликација ќе биде земена предвид и при повиците за учество во семинари за обука, како и при составување на тимовите за изборен мониторинг. Апликациите ќе ги разгледува посебна комисија за кадровски прашања при Собрание на ЦИВИЛ.
КВАЛИФИКАЦИИ
Фаќање врски не е ниту потребно, ниту пожелно. Пожелно е да се поседуваат комуникациски вештини, напредно познавање на компјутерски софтвер за обработка на видео, графика и текст, познавање на англискиот или германскиот јазик, камера, фотоапарат... Најважно од сè: мора да се поседуваат човечки квалитети и искрено да се застане зад кодексот и вредностите на ЦИВИЛ.
УЧЕЊЕ
Немате доволно искуство, знаења и вештини? Тоа не е проблем. Интересот и посветеноста се најважни за нас. ЦИВИЛ е место кај што се учи. Опремата што ја имаме ќе биде на располагање за учење и вежбање, но и за унапредување на стекнатите вештини.
ЛАЈК
Не заборавај: лајкни ја Фејсбук страницата на ЦИВИЛ. И, се разбира, биди ЦИВИЛ!
Оваа вест е достапна и на: Albanian