Бифтеци од 85 евра: Дил ориентед гавермент дуинг вери гуд бизнис!

Македонија да ти била топ-држава за водење бизнис, трубат спин-махерите на власта, обидувајќи се да ги убедат граѓан(к)ите кои живеат со под 14 денари на ден и копаат по контејнерите за отпадоци, дека можат да си регистрираат претпријатие за ден-два. И да се порадуваат како асли бизнисмени. Сé додека не ги посетат дил ориентид бизнисмените од власта, да ги „заколат“ со рекет... Македонија чудесна!

sinisa-stankovic-500x333

Пишува: Синиша Станковиќ

Македонија е рај на земјата за водење бизнис, излажаа и останаа живи трабант-медиумите под чадор на Центарот. И продолжија во тој стил, со глорифицирање на бизнис-климата, како еден од „успесите“ на власта која со месеци е во нокдаун, ама не сака да го фрли пешкирот, оти се надева пустата, дека како и досега, до и по изборите, самата ќе си брои... Оти, ако СЈО почне да им брои, колку и да успеваа преку немтур-мнозинството, сите дубари досега да ги „покриваат со закон“, Судот може да им доброи многу години зандана, токму поради начинот на бизнис дуингот, последнава деценија...

Нема бел ден да види Македонија, ни со недобројни новоотворени мали и средни претпријатија, додека едно чудо од оние среќници кои и успеале да најдат работа, работат „на црно“, или во сивата сфера... „„Еден од десет работници воопшто немаат потпишано договор за работа со својот работодавец, со што, покрај социјалните придонеси, се избегнува и плаќањето данок на приход... Последиците можат да бидат слаба или неквалитетна социјална и здравствена заштита, необјективна процена на големината на домашниот бруто-производ, нереален број на невработени, односно вработени и социјално загрозени лица, голема стапка на даночна евазија и помал буџет, што претставува предизвик и за фискалната политика на државата“, стои  во истражувањето на Центарот за истражување и креирање на политики, според кое, речиси секој втор работник е пријавен на плата која е пониска од таа што реално ја добива!

Ама, важно, претпријатие може ургентно да се регистрира. Сé е можно во фалш-реалноста која ја продаваат ѓоа-бизнисмените и експертите за изборни ујдурми... Исаф да се немало.

barbed wired macedonia

Во едно убаво време, кога во филмовите со среќен крај редовно победуваа гуд гајс (иако ние, маалските копиљаци, задоени со восхит кон „хероите на улицата“, на кои им „купувавме цигари, ако не нé фатат“, нормално, имавме симпатии и за оние лошите од филмовите, кои беа ептен шизици, особено кога го почитуваа специфичниот код на подземјето и неговите морални норми), пред да биде уапсен или убиен негативецот кој претерал со алчност и јагмаџиство, од некој правдољубив одмаздник, често можеше да се слушне реченицата „How much is enough?”.

Последниве денови, збунет од млаките реакции на сé она што со години наназад го зборувам главно во ветер (со колеги, со сопаталци во кафеана или со таксисти и комшии пред гранапче, оти професионалните медиуми, „преродбенициве“ или со ќеиф ги егзекутирааа, или им го скршија рбетот и садистички ги принудија да ползат), а сега, деновиве конечно, толку месеци по „бомбите“, експлодираше како граната фрлена во полски нужник, тоа прашање непрекинато ми се врти низ главата. „Колку е доволно?“ Цела деценија ги брцаат рацете во азното, до лакти, до рамења, море... Крадат како за светско првенство, ни срам, ни перде... Арамиите кои ги фрлаат нашите деца и внуци во должничко ропство. И се прашувам, до кога ќе им веруваат нивните партиски послушници. Каква идеологија, каква нација, каков патриотизам.. За чекмеџето се работи, аман, за алчноста, за скржавоста...

10928989_707104132741392_4410217739010241663_n

 

Е, навистина, „Колку (ви) е доволно?“ Нели (ви) е доста? Имате ли срам? Пред Бога, нели сте демохристијани? Пред своите деца кои ги жигосавте за навек - оти Македонија е мала земја, сé се знае и сé се помни - и на кои им оставивте длабока лузна, за да живеат како наследници на бескрупулозни сечикеси? Не насобравте ли доволно од туѓата мака и пот? Зошто не си ги соберете пљачките и не заминете во некои егзотични краишта, на крајот на светот, на пример? Добро, навистина е „долга раката“, ама може ќе се спасите таму... Не го збеснувајте обичниот смртник, не го чекајте народниот бес! И досегашните ќутолози, оние на кои им ги избркавте децата и внуците, ќе писнат кога ќе сфатат дека им ги спискавте пензиите... Заминете си, и оставете ги напатените, да се обидат да ја спасат земјичкава, да го запрат стрмоглавувањето и да се вратат некако назад, оздола - кон работ на амбисот...  Колку навистина (ви) е потребно, за да (ви) се задоволи ненаситноста? Не ги збеснувајте до крај, прегладнетите и ожеднетите! За сé...

Зашто, по сите украдени милијарди, илјадниците гладни во Македонија гневно зинаа за бифтеците од 5.000 денари, кои ги гнетеле и со наши пари ги плаќале, разноразни клати-врати во партиски униформи. Оти, почна да им се бистри пред очи... Белки, почнуваат да стануваат свесни дека и режимот е расклатен. И дека и на индоктринираните ем заблудени, колку и да живеат во карикатуралниот филм за античката&библиска Македонија, за барокот и за резил-спомениците, полека им станува јасно оти контролата попушта, а стравот ги вџашува и до скоро недопирливите, дури и најважните членови на Фамилијата... Илустрација е и тоа што дури и на оние ојлевци-дојлевци во МРТВ, кои со години наназад глумат новинари и уредници, некој им дозволи да ја емитуваат „Куќата од карти“, феноменалната приказна за „дворските“ игри на некои други, попрефинети простори... Или, сеедно, едноставно, никому не му ни било гајле како и зошто таква серија заталкала меѓу турскиот и српски кич, плус ред вести за големите успеси на градителите кои остваруваат, а со кои се држи народецот под хипноза цела деценија. Оти, и куќите од карти и кулите од песок, кои творците на виртуелната реалност и за, жал, на реалниот, панаѓурски шунд, ни ги продаваа(т), се под  закана да ги урнат и однесат ветриштата на промени...

Властодршците можат и понатаму да прислушуваат, само, џабе им е, оти тоа имаше некаква логика додека луѓево шепотеа... Сега веќе зборуваат сé погласно, и дома, ама, и на улица, и во медиуми. (Еден од најголемите македонски поети, пред 20 години, ми рече во интервју дека едвај го чека моментот кога македонскиот Трпе-Трајче-Спасе, ќе стане Гласе!) Не врват веќе ни купените огласи во странските медиуми, или небулозните извештаи за „остварените продуктивни средби“ на премиерот од резервна клупа или за намигнувањата, скришум-скришум, упатени до „космодиск“–претседателот на белосветските приеми... Можат да ги трујат ТВ-гледачите, да фрлаат мртви крави во Вардар за гламурозно да ги спасуваат со преноси „во живо“. Ама, толку беше...

alarm clock

А потоа? Македонија навистина ја чека сурово отрезнување, тежок период на соочување и помирување (меѓу и внатренационално), болна демитологизација и детоксикација на напластените лаги и будалштини со кои нé затрупуваа мегафоните на Фамилијата. Но, мора да се почне...

За жал, младите кои избегаа, нема да се вратат, не се улави, ама и ваква Македонија, со запустени села (сега веќе, и цели градови) има каква-таква шанса, да исплива. Да им овозможи достоинствен живот на оние уште помладите, уште незагадени со паланечкото сфаќање и применување на „кембриџи“ и „болоњи“, оние за кои Пастирот, нели, турбо гради градинки, да имаат среќа да не раснат во атмосфера на неписменост, најзатапен провинцијализам и омраза кон сé инакво. Да не се лажеме, како што предизборно сме навикнати: по деценијата ужас без крај, нé чека уште подолг период на рехабилитација, стегање ремени, пот и солзи. Ама сепак, има шанса за нов почеток...