БИРН е годинешен добитник на „Никола Младенов“ со написите за „Скопје 2014“

Истражувачкиот тим на БИРН Македонија е годинешен добитник на наградата „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија на годината на Македонскиот институт за медиуми (МИМ), за серијата написи и базата на податоци за објектите, спомениците, скулптурите и фасадите од проектот „Скопје 2014“. 

Добитник на втората награда е новинарката Билјана Николовска од ТВ Телма за документарниот филм „Како здравствениот систем убива дете“, посветен на малата Тамара Димовска од Велес, која почина чекајќи институциите да и одобрат средства за лекување во странство.

Третата награда ја поделија Џелал Незири од истражувачката мрежа СКУП за истражувањата поврзани со „Југохром“ и со загадувањето на воздухот во Тетово и тимот на новинари од порталот Нова ТВ, за серијата текстови поврзани со аферата „Македонски Телеком“.

На доделувањето на новинарската награда „Никола Младенов” за најдобра истражувачка сторија за 2015, жирито составено од истакнатите уредници и долгогодишни новинари, Зоран Иванов, Катерина Блажевска, Фатос Муслиу, Сашо Кокаланов и Томислав Кежаровски, меѓу другото, заклучи и дека поголемиот дел од истражувачкото новинарство и стории се произведува со помош на средства од меѓународни фондови, а дека самите медиуми сé помалку инвестираат во него.

Овогодишното жири, 03 март 2016, фотографија Јане Стефанов

Овогодишното жири, 03 март 2016, фотографија Јане Стефанов

МИМ ја додели оваа награда по 15-ти, јубилеен пат, како дел од заложбите за унапредување на професионалното новинарство и на демократските вредности во земјава. На годинешниот конкурс се пријавиле 20 автори и тимови на новинари истражувачи, со вкупно 37 стории, обработени во 97 текста/прилози, објавени во дневните весници, на телевизиите и на интернет.

Оваа вест е достапна и на: Albanian