Битка со „операцијата“ за поткуп на гласачи

Се интензивираат извештаите за поткуп на гласачите од целата земја. Во овој момент, дежурната екипа на ЦИВИЛ обработува податоци за повеќе локации од кои доаѓаат пријавите и тоа во Скопје, Прилеп, Валандово и други општини.

Полицијата осуети обид за поткуп на гласачи, врз основа на пријавите од набљудувачите на ЦИВИЛ и во Демир Хисар. Полицијата задржа едно лице под основано сомнение за поткуп на гласачи, а постапката е во тек. ЦИВИЛ доби детален извештај од теренот за текот на „операцијата“ за поткуп на гласачи во овој и во други случаи, извештај кој наликува на вистински акционен филм.

Во интерес на истражните постапки, повеќе детали не е можно да се споделат со јавноста во овој момент. Сепак, може да се сподели денешниот впечаток дека МВР, за првпат по долги години, изгледа како да има намера да поведе битка против изборните нерегуларности.

Набљудувањето на ЦИВИЛ, како и бројните пријави од целата земја, сведочат за тоа дека ова е бурна ноќ. На теренот се врши голем притисок врз гласачите. Голем број партиски активисти се вклучени во отворена кампања и кршење на изборниот молк. На социјалните мрежи се одвива вистинска војна на зборови, а на теренот се врши притисок врз гласачите.

ЦИВИЛ ќе излезе со извештај за јавноста на прес конференција закажана за 10 часот, во прес центарот сместен во хотел Сити Парк Скопје.