Битка за образованието

Пишува: Фросина Митрушева

Сакам со сите мои пријатели и со сите бивши ученици чии деца допрва ќе бидат ученици да го споделам моето писмо до Наставничкиот пленум. Поддржете го Наставничкиот пленум. Длабоко верувам во возвишеноста на неговите цели. 

1399606_491548134296994_1428268370_o

Фросина Митрушева

Поздрав Пленумци! Сакам со вас да ги споделам моите размислувања и силни емоции предизвикани од вчерашниот протест и случувањата после тоа. Пред тоа, да се претставам. Професор сум во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ од Скопје со 34 години работен стаж. Член сум на Наставничкиот пленум и тој е единствената  „партија“ во која членувам. Од пред 10 години не сум член на СОНК, бидејќи таа организација не ги исполни моите очекувања околу дејствувањето во согласност на нејзините ингеренции. Во Наставничкиот пленум видов нова надеж за Образованието (да,со големо О). Пленумот го видов како организација на сите оние кои ја делат мојата љубов кон професијата, мојата загриженост за иднината на нашите деца и мојата желба да се избориме за она што знаеме дека е за нивно, наше и општо добро.

Вчера бев на протестот. Тргнав полна со ентузијазам и енергија. Бев сигурна дека таму ќе се сретнам со илјадници колеги кои ја делат со мене истата љубов кон професијата и кон децата чија иднина ја трасираме со нашата работа. Да! За да им кажеме на моќните кои одлучуваат за нивните и нашите судбини дека илјада глави размислуваат подобро од една или две или десет,сеедно. Да викнеме силно,за да бидеме слушнати!
И?
Јас.Вчера на протестот.
Прво-РАЗОЧАРУВАЊЕТО: Каде се луѓето за чие незадоволство со години слушам? Каде се колегите од моето училиште за чие незадоволство сум секојдневен сведок?(само десетина се одваживме вчера)
Потоа-ПРАЗНИНАТА ВО ДУШАТА: Каде се тие илјадници со кои ја делиме истата љубов, истите идеали?
Па СРАМОТ: Пред учениците, студентите, граѓаните (видов активни борци за човекови права, ценет член на МАНУ!), кои додуша малубројни, ама одважни, дојдоа да ни ја дадат својата поддршка.
Па ЛУТИНАТА: Што е? Колегите не сакаат да си го расипат неделниот домашен мир?
Па БЕСОТ: До кога армијата интелектуалци во оваа фела ќе молчи и ќе чека друг да ги бие нејзините битки?
Па МАЛОДУШНОСТА: Е доста Фросе. Ова е последно. И вака и така за некоја година ќе одиш во пензија. Нека си ги водат младите своите битки.
И се вратив дома. Разочарана, празна, бесна.
Попладнето почнаа да се пренесуваат информациите и коментарите за протестот и за  пленумот. На медиумите и меѓу нас во групата на пленумот. Обиди за дискредитација и омаловажување на поединци, членови на пленумот, но со тоа и на самиот пленум.
И СЕГА ЗНАМ. Нема да се откажам од пленумот ниту од борбата. Да, сигурна сум дека има партиски определени меѓу нас. Знам дека ги има од сите партии! И не ми е важно. Ги почитувам и сакам сите кои знаат дека мора да се води битка за Образованието. Знам дека незадоволството од состојбите во образованието е заеднички именител на сите кои учествуваме во тој процес, без разлика дали се или не членови на било која партија. ОБРАЗОВАНИЕТО е мојата партија и се надевам најважната партија на сите колеги од пленумот. И затоа ќе продолжам да се борам. Заедно со сите членови на пленумот и со оние кои не се, но ги делат со мене истите идеали за подобро образование и подобра иднина на децата, сегашните и идните. Во името на претходните генерации на кои безрезервно им го посветив и подарив сиот свој живот.
Не сакам да ги фрлам во вода претходните 34 години од мојот живот. Затоа ќе ја продолжам борбата за она во кое верувам.
ВЕ ПОВИКУВАМ, сите членови на Наставничкиот пленум и сите други наставници, да бидеме храбри и упорни. Ова е наша битка и мораме самите да ја водиме. За децата и нивната иднина. За нас и нашето достоинство.
ПОЗДРАВ ПЛЕНУМЦИ!!! Се гледаме следниот пат.